| четврток, 6 декември 2018 |

Астеруд од СДСМ: Законот за јазици е неуставен

Законот за употреба на јазиците не ја следи основната логика на Уставот, констатира професорката Каролина Ристова Астеруд која беше и поранешна пратеничка на СДСМ.

Имено според членот 52 од Уставот, “законите се објавуваат во „Службен весник“ најдоцна седум дена од денот на донесувањето, а влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, но, по исклучок, што го утврдува Собранието, може да влезат во сила и со денот на објавувањето“. Тежината на оваа уставна одредба се гледа од тоа што таа е сместена во делот „Гаранции на основните слободи и права“.

За разлика од ова во Уставот, законот за јазиците оди во сосема друг правец или не е во согласност со Уставот. Во законот за јазците во член 25 се предвидува дека овој закон „влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на РМ„ (значи, како по „исклучок“), но во приложеното објаснување на владиниот предлог- закон до Собранието (сега „изгласан„ веќе и под вето) нема ама баш никакво објаснување или образложение зошто Владата бара од Собранието да утврди некаков „исклучок“ и зошто би бил тој исклучок. Исклучоците пак главно се за состојби како некаква вонредна состојба, поплава , земјотрес, некаква воена состојба. Но ништо од ова не држи.

Како што налага уставот, Собранието за да донесе закон кој влегува во сила „со денот на објавувањето„ треба и да го утврди исклучокот од уставното правило за влегување во сила „најрано 8 дена од денот на објавувањето.“

-Сето ова однесување станува дотолку повеќе нејасно кога се работи за закон/и кои се со нагласена сеопфатност, подразбираат големи промени и подготовки во правниот поредок и реалноста, како и повлекуваат сериозни финансиски импликации. А ако за момент ја тргнеме настрана сета друга неуставност во содржината на ЗУЈ 2018 и претпоставиме дека е уставен, неговата содржина е токму таква: сеопфатна, прави големи интеревенции во системот, повлекува големи финансиски импликации, бара големи подготовки, итн. Вообичаено, и кај нас, но и споредбено, за таков тип на закони, дури и кога се уставно непроблематични, се предвидуваат периоди од 6 месеци, 12 месеци, итн. за нивно влегување во сила (сетете се колкав беше „почекот на законот“ во однос на фискализацијата, ограничувањето на местата каде може да се пуши, итн.). Се на се, ова е еден од најочебијните и најшколските примери за неуставноста на ЗУЈ 2018, категорична е Астеруд.

Таа додава: „Од сето ова што го прочитаа досега, верувам дека на граѓан(к)ите им е јасна оваа и ваква неуставност, но можеби не им е јасно до кој степен е неговата тежина, до кој степен е упадот во уставниот поредок, а последователно за се другото во реалноста на нивното живеење“.

Зошто рокот за стапување на сила на некој закон влегува во делот на човекови права и слободи?

-Функцијата и целта на тоа е тројна. Прво, граѓанството мора да добие минимално пристојно време за да биде информирано за содржината на новите закони, за да дознае и разбере кои му се правата и кои му се обврските по тие нови закони, кои се последиците (санкциите) од нивно непочитување. Секако, што е тоа „минимално пристојно време“ е правопропорционално зависно од се она што претходно пишав (сложеност, сеопфатност, темелни подготовки што се потребни, финансии што се потребни, промени што ќе настапат по влегувањето во сила на новите правила…). Второ, граѓанството , односно сите субјекти на правото, независно дали се физички лица(индивидуи), правни лица (дуќани, компании, и сл.), а и самата држава, да се подготват за примената, и така подготвени, да можат да го применат новото законодавство, новите правила, оти, нели, мора да има „владеење на правото“. Дотолку повеќе што по влегувањето во сила на законите (всушност, на сите општи правни правила), стапува едно друго правило и начело на правото, клучно за оддржување на самото право како такво, а тоа е познато како „непознавањето на правото штети“ (за правниците познато ignorantia juris nocet), што ќе рече, дека последователно ниеден субјект на правото не може да се „вади“ на тоа дека „не ги познава законите“ и на „јас не сум од тука“, дури и кога навистина е така. Трето, следствено од првото и второто, почекот на законот, заедно со други некои правни императиви и начела во однос на неговото донесување (други аспекти на легалноста, на демократичноста, на слободата) обезбедуваат поголема веројатност за доброволно почитување на правниот поредок, што секако е најпосакуваната и најприоритетната варијанта за секое цивилизирано право и за секој мудар законодавец, заклучува Астеруд.

Оттука значи дека на умниот, мудар, демократски и слободарски ориентиран законодавец не му е прв приоритет почитта на законодавството да ја обезбедува со закана со санкција или со самата санкција, што секако е неизбежна крајна варијанта и карактеристика на правото („ако нејќеш со арно, одиме со присила„), туку како да обезбеди кај мнозинството од граѓанството пристап и логика на „почитувам, оти е тоа добро за мене, оти се согласувам, а не затоа што има „полицаец“ во заседа или затоа што државата се крие и демне зад секое ќоше“.

-Јасно, ваквата доброволна примена на правото го прави правниот поредок многу пофункционален, поефективен, похармоничен, и над се – многу поефтин, многу поекономичен, посочува Астеруд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top