| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку двајца загинати, стотина повредени во земјотресот на Тајван

Најмалку двe лица загинаа, околу 100 други се повредени, а неколку згради, меѓу кои и еден хотел, се урнаа денеска при земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала, што го погоди источниот брег на Тајван.

Епицентарот на земјотресот, што се случил во 23.50 часот по локално време (16.50 по средноевроско време), бил на 22 километри североисточно од крајбрежниот град Хуалиен. Земјотресот бил на 9,4 километри под површината на земјата.

Противпожарната служба од Хуалиен соопшти дека под урнатините на хотелот „Маршал“ во градот се наоѓаат 29 лица.

Покрај овој, оштетен е уште еден хотел во Хуалиен, а оштетувања се регистирани и на еден мост и на неколку улици во градот и на околните патишта.

Во реонот на епицентарот на земјотрес, како што јави АФП, во изминативе три дена се регистрирани речиси 100 потреси со послаб интензитет.

Денешниот земјотрес се случува на втората годишнина од потресот од 6,4 степени, што го погоди југозападниот тајвански град Таинан, при што загинаа над 100 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top