| четврток, 6 декември 2018 |

ТДМ вечерва одбележува јубилеј: „Убавицата и ѕверот“ е рекордно најиграна претстава во Македонија

Оваа претстава се играше и на многу други сцени во Македонија, но и на престижни меѓународни фестивали. Ги има освоено наградите за најдобри костими изработени од Александар Ношпал, како и награда за најдобро актерско остварување за актерката Тања Кочовска на фестивал во Суботица

Театарот за деца и младинци вечер во 19.30 часот свечено ќе одбележи 20 години активно играње на „Убавицата и ѕверот“ – рекордно најиграна претстава во Македонија. На прославата ќе биде поставена ретроспективна изложба за оваа претстава и за 20-те години од вселувањето на ансамблот во сегашниот простор.

– Од премиерата на 6 февруари 1998 година, „Убавицата и ѕверот“ цели 20 години е на тековниот репертоар на театарот. Наскоро ќе ја доживее својата 350-та изведба, а со тоа ќе го постави рекородот на најиграна претстава во Македонија, соопшти Тетараот за деца и младинци.

Оваа претстава се играше и на многу други сцени во Македонија, но и на престижни меѓународни фестивали. Ги има освоено наградите за најдобри костими изработени од Александар Ношпал, како и награда за најдобро актерско остварување за актерката Тања Кочовска на фестивал во Суботица.

Авторскиот тим го сочинуваа: Дмитар Христов (режија), Игор Бојовиќ (автор), Петре Бакевски (превод и препев), Славе Димитров (музика), Александар Хаџиманов (кореографија). Првата постава ја сочинуваа Ана Левајковиќ – Бошков (Убавицата), Владимир Лазовски (Ѕверот), Скакулка (раскажувач): Тања Кочовска Павловска, Принцот: Драган Довлев,  Таткото на убавицата: Предраг Павловски, Маѓепсницата: Олгица Христовска Кошутиќ, Ѕверот над Ѕверовите: Игор Маџиров.

– На овој ден, пред 20 години, беше изведена премиерата на представата “Убавицата и Ѕверот” во Театрот за деца и младинци, кој таа вечер воедно и ги отвори вратите на својот официјален простор и сцена. Претстава за која ја потпишав мојата прва костимографија и сценографија, со што ја започнав мојата 20 годишна карира во областа на сценско-визуелната уметност.

Истата 1998 година, на гостувањето на Петтиот меѓународен фестивал за детски театар во Суботица (Р. Србија) представата донесе награди две награди: на Тања Кочовска Павловска за најдобро актерско остварување, како и мојата (прва) награда за најдобра сценографија и костимографија.
Претставата до денес е одиграна 347 пати, со што го презема епитетот на досега најиграна претстава во македонската театарска историја (се уште со истиот непроменет сценско-визуелен израз).

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на Театарот за деца и младинци за нашата долгогодишна соработка, на целата уметничка и актерска екипа на представата (за жал некои од нив не се повеќе меѓу нас), на сегашната в.д. директорка и актерка Катерина Илиевска Силјановска, на актерката Изабела Новотни и сегашен актерски ансамбл на оваа институција. И за крај, не би бил тука кадешто сум доколку еден човек не веруваше во мене: тоа е долгогодишниот директор и основач на театарот, Љубомир Чадиковски, мојот духовен „татко”, учител и човек кој ми ги отвори вратите во оваа уметност и ми овозможи да бидам дел од оваа приказна. Посебна и неизмерна благодарност и до мојата најмила Љубица Велкова, мојата постара „сестра” и извонреден професионалец со неверојатен талрент, знаење и умешност во изработката на костимите и пошироко, во театарската и ликовната уметност, која е неизоставен дел од мојот живот до ден денес. Големо благодарам и до целиот техники тим на театарот со кој пораснав сиот овој период (за жал некои од нив не се веќе меѓу нас): Наде, Софче, чичко Темчо, Кире, Ангел, Оли, Вики, Ѓуре, Убавка, Драгана и сите останати минати и сегашни членови на оваа театрска куќа.

Со 10 реализирани костимографски остварувања за театарски проекти и со 3 освоени меѓународни награди во оваа област, Театарот за деца и младинци бил, е и ќе остане мој втор дом – напиша на социјалните мрежи костимографот Александар Ношпал.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top