| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ со политички упади и во спортот, Пливачката федерација најавува тужби

Пливачката федерација на Македонија со официјално писмо ги информира премиерот Зоран Заев, Македонскиот олимписки комитет и до Агенцијата за млади и спорт дека Агенцијата за млади и спорт испратила допис за вонредно собрание до пливачките клубови. Со овој допис, според Пливачката федерација на Македонија, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски направил прекршок и упад спротивен на Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Со дописот Каевски ги прекршил членот 24 став 5 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, според кој „начинот на свикување на собранието, работата и донесувањето на одлуките, и одлучувањето без присуство, се уредуваат со статутот на здружението“ и членот 10 од истиот закон, „организациите се независни во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со нивниот статут во согласност со Уставот и закон“, со дописот е прекршен и законот за спорт поточно членот 14-б.

Пливачката федерација на Македонија го обвинува Каевски дека ја нарушил самостојноста и независноста на националната спортска федерација загарантирана со статутот и Олимписката повелба, на која се потписници сите национални спортски федерации членки на Македонскиот олимписки комитет.

„Доколку дописот не се повлече ќе ги информираме сите релевантни меѓународни спортски институции на кои единствена членка е Пливачката федерација на Македонија. Ќе ги информираме и надлежните институции, односно Јавното обвинителство како и Државниот инспекторат за злоупотреба на службена должност и прекршување на Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани и фондации од страна на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, и раководителот на секторот спорт Томче Андоновски“, стои во писмото од Пливачката федерација, на кое е потпишан и претседателот Александар Маленко, силен поддржувач на Шарената револуција и гласен критичар на политиките во спортот на претходната влада.

Познавачите во оваа сфера истакнуваа дека станува збор за класичен обид на партизација на спортот од страна на директорот на Агенцијата за Млади и Спорт кој на таа позиција дојде благодарение на своите партиски функции и заслуги во СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top