Секоја судска кампања завршува со грешки на судиите, а историјата секогаш ги исправа тие грешки. За власта сега е најважно, додека се продава името, да се зборува за рочиштата на луѓето од ВМРО.
Како изгледа судско-политички процес?
Доволно е да се погледне било кој од многуте провладини медиуми за да се добие одговор на ова прашање, а можноста е ексклузивна и ја нема секоја генерација.
Можеби повозрасните паметат од годините по војната, особено во педесеттите години на минатиот век, кога во судска кампања, со голема и неприродна ажурност и брзина, се водеа постапки против политичките неистомисленици на власта.
Во тоа време жртви беа оние кои имаа поизразени патриотски чувства, како Ченто, Панко Брашнаров, Ристо Шишков и плејада други македонски патриоти, кои на еден или на друг начин се бореа за националните интереси на македонскиот народ.
Судиите со чувство на сила зад нив, изрекуваа однапред донесени одлуки во главата, знаејќи дека поинакви и не смеат да донесат, а многумина од нив задоени од тогашниот комунистички режим и со свое лично убедување дека секој кој се спротивставил на општо прифатеното мислење на партијата и власта треба да се отстрани преку осуда и праќање во затвор.
Судиите итаа да ги завршат предметите ден порано, за да се покажат пред шефовите, како во судот така и пошироко, во партијата на власт и извршната власт генерално.
Се одбиваа сите приговори и забелешки на одбраната со индигнација и омаловажување. Доколку одбраната претераше, се знаеше што може да ја снајде и неа. Така судењата одеа многу брзо. Судиите не се плашеа од незаконско постапување, затоа што знаеја дека се заштитени. Процесите ги водеа одлучно и брутално. Обвинетите, свесни за реалноста, за јавниот линч против нив, за притисокот врз судот, или за политичката определеност и партиска лојалност на судијата колку и да беа невини, знаеја што ги чека. Знаеја дека ќе бидат осудени, само се надеваа на помалку наместо повеќе. Тие судења беа фарса. Исто како и денешните против челниците на ВМРО.
Најпрвин со политички методи и средства, без основа се отворија истраги. Дел од нив добија и притвори, а на над 70 лица им се одземени пасошите. Принудени се секоја недела да се јавуваат на суд, иако до неодамна самата функција им налагаше секој втор ден да даваат изјави за јавноста, што покажува дека се во земјата, како на пример во случајот со доскорешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Потоа, откако измина некое време, откако се кренаа очекувањата на јавноста, по помпезно создаденото СЈО кое обезбеди енормно голем буџет и откако сите медиуми блиски до СДСМ создадоа атмосфера дека има докази ќе има обвиненија, мораше да се премине на обвиненија, иако не постоеја елементарни докази.
Кога тоа се случи, немаше избор, па мораше тоа што никаде во светот не е доказ, да се притисне судот, спротивно на закон, да го признае како доказ. Така снимките од телефонските разговори прибавени на незаконски начин и официјално станаа инструмент на политички прогон .
Од САД, преку Европа па се до Јапонија, вака обезбедени снимки не се признаваат за докази, но кај нас, Љиљана Шопова, претседателката на апелациониот суд во Скопје, која во минатото се гордееше со својата стручност, подлегна на притисокот. Таа се понижи самата себе и се што градела низ кариерата, ги притисна своите колеги и незаконските докази ги прогласија за докази.
Очигледно и тоа не беше доволно. Очигледно празните обвиненија ќе пропаднеа, па мораа да се сменат и судиите. Најпрвин се постави нов претседател на судот, докажан и во јавноста противник на ВМРО-ДПМНЕ, и поддржувач на СДСМ.
Истиот тој, постави нови судии на предметите од СЈО, за кои цела јавност знае дека се многу блиски на СДСМ. Згора на тоа, повеќето од нив и длабоко лично фрустрирани кон претходната власт, затоа што низ годините на владеењето на ВМРО, не биле во привилегирана позиција во судот, а дел од нив се чувствувале и деградирани. Дури и некој со право да е незадоволен од третманот на претходните претседатели на судовите во време на ВМРО, неможејќи ним да им вратат и да им се одмаздат, се гледа дека сакаат да се одмаздат на обвинетите од ВМРО-ДПМНЕ. Можеби и веруваат или сакаат да веруваат дека функционерите од ВМРО ДПМНЕ се индиректни виновници што тие во последните 10 тина години биле во сенка, и не напредувале или немале соодветен третман.
Некои од обвинетите шегувајќи се велат дека не знаат што е полошо, дали претходната гарнитура на судии, кои беа на удар дека се блиски до власта, па преплашени заради тоа, за да не бидат казнети, беа подготвени да направат се за да докажат дека не се блиски до ВМРО или новите кои се растоварени од таквите обвинувања, бидејќи се блиски до СДСМ. Првите правеа навистина неразбирливи чекори, дури и незаконски постапки за да докажат дека немаат ништо со ВМРО ДПМНЕ, а новите едвај чекаат да ги осудат сите од партијата заради лична нетрпеливост и партиска и идеолошка спротиставеност. Пример за незаконско постапување на претходните судии е одлуката на судијата Тања Михајлова која спротивно на закон реши да ги издвои доказите од аудио снимките.
Со тој незаконски чекор, отвори пат, притиснатиот апелациски суд да донесе срамна одлука, иако кривичниот совет беше веќе одлучил согласно закон дека т.н. ,,бомби,, се незаконски стекнати и прибавени и не може да бидат користени како доказ.
Втор таков пример е што сите судии при оценка на предметите, немаа храброст да донесат одлука дека штом некој е еднаш аболициран, во правото секаде во светот, не постои можност тоа да биде поништено. Правото вели дека без разлика на поништената аболиција, доколку обвинетиот се повика на неа, не може понатаму да се гони. Дури ни судијата Горан Бошевски, за кој постоеше мислење дека е еден од оние судии што најпрофесионално се однесуваат, не собра храброст да постапи по закон, кога станува збор за аболициите.
Тој и другите многу добро ја знаат праксата на европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, стравот, личниот комодитет, не сакањето кариерата да си ја доведат во прашање, беа посилни од интегритетот.
И сега веќе се создадени сите услови за судска кампања.
Партијата на власт преку контролираните и уценети медиуми создаде општа атмосфера дека обвинетите се виновни, без елементарно почитување на пресумпција на невиност. Судиите закажуваат судења како никогаш до сега. Претседателот на судот Иван Џолев, ги свикал на состанок судиите и побарал да не дозволуваат какви било какви одлагања, а судењата експресно да се водат.
При тоа не се води сметка за фер судење, за правата на обвинетите и за фактот дека ако во една недела, еден обвинет има 3 или 4 дена рочишта по различни предмети, нема теоретски време да се подготви со адвокатите за да има рамен терен со обвинителот, а со тоа да има фер судење.
Нема фер судење. Оваа недела, Груевски е на рочишта за три предмети, Тенк, Траекторија и Шамарите во Центар. Веќе наредната недела од 12 до 16 февруари, дури во 4 дена по два предмети ќе биде во судот по цел работен ден. Нема време ниту за подготовка, анализа, консултации, проверки на факти, ниту ништо. Има да оди, и да го судат. Исто како во темните денови од 49тата. Кампања е.
Постои една константа кога станува збор за судските кампањи. Секогаш завршуваат со погрешни одлуки на судиите. Секогаш судските кампањи ги исправа историјата. Секогаш лично судиите кои подлегнале на притисокот остануваат со црни букви запишани во историјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст