| четврток, 6 декември 2018 |

И шарени „револуционери“ ќе ја „кројат“ македонската историја по бугарски дизајн?

Кој историчар ќе се нафати да биде дел од заедничката комисија со Бугарија за проверка и чистење на македонските учебници, е дилемата што се наметна откако вчера Алфа објави дека веќе се формира тимот што треба да работи заедно со бугарските колеги, но дека звучните професорски имиња одбиваат, односно се двоумат дали воопшто да прифатат.

Како што дознаваме, најверојатно претседател на комисијата ќе биде директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, а оттаму ќе учествуваат и Дарко Стојанов и Петар Тодоров. Извори за Алфа велат дека му било понудено и на Тодор Чепреганов, но тој одбил.
Меѓу историчарите познати за јавноста е и името на професорот Ванчо Ѓоргиев, кој се уште не дал одговор дали ќе биде дел од екипата. Официјално никој од нив не демантира дека овие информации се точни. Неофицијално, во игра се уште неколку историчари, помалку познати- кои своевремено ја поддржале шарената револуција. Извори за Алфа велат дека ова, како и нејасната стратегија според која би работела комисијата, е причина за двоумењето и одбивањето на познатите професори воопшто да учествуваат во ова тело за чистење на македонските учебници.
Разбирливо е што звучните имиња одбиваат да учествуваат, коментира за Алфa историчарот  Мицов. Никој научник не би сакал да е дел од политичко тело, кое ќе треба да брише историски факти од нашите книги, потенцира  тој.
-Го знаеме договорот, од него јасно произлегува дека се што ќе се одлучи на комисијата потоа подлежи на политичко одобрување. Мислам дека ќе се обидат да стават историчари кои не се многу познати и ќе бидат лесно поткупливи, вели Стефан Влахов Мицов, професор на Институтутот за национална историја
Тој е убеден дека комисијата, која произлезе од небалансираниот договор за добрососедство, ќе треба да одработи политички во корист на Софија, со што секој од нашите историчари кој ќе прифати да биде дел од сето ова- ќе треба да живее со товарот на антимакедонско делување.
Секој што ќе се нафати да биде дел од вака поставена комисија ќе треба да е свесен дека го губи кредибилитетот не само како историчар, туку пред се како човек, додава Мицов.
До каде е официјално екипирањето на комисијата, засега од македонската страна нема никаква информација. Нема детали ниту од бугарската.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top