Веќе се готови тобоганите, а се работи и на базените на првиот аквапарк во Скопје. На последните активности за изградбата забрзано се работи на привршување и се очекува изградбата на аквапаркот во состав на спортскиот центар „Борис Трајковски“ да биде завршена во текот на наредниот месец, односно веќе од јули да биде достапен за сите.
И покрај тоа што временските услови не беа најпогодни за градење и по неколкумесечните проблеми со дозволата за градба, која спортскиот центар ги имаше со општината Карпош, сепак на изградбата на долгоочекуваната водена атракција се работи на големо и се очекува за многу краток период Скопје да го добие првиот аквапарк, пренесува „Вечер“.
Аквапаркот ќе има 10 тобогани, светски познатиот мултислајд, ќе има турболенс и бумеранг-тобогани, како и спејс-боул тобоган со ноќни ефекти. Придружни објекти, покрај тобоганите, ќе бидат базенот со бранови, мрзливата река и базен за дечиња до 7 години, кој е опремен со тематски реквизити од познатиот филм „Пиратите од Карибите“. Се планира аквапаркот да работи во два дела од денот, односно да биде отворен од 11 часот претпладне до 17 часот попладне. По завршувањето на првата смена ќе следува половина час пауза при што персоналот ќе се грижи, пред сѐ, за хигиената, потоа од 18 часот до полноќ ќе функционира втората смена.
Иако од спортскиот центар најавија дека цената на влезницата нема да биде еквивалента на објектите од ваков тип во другите држави и целта е да биде достапна за секој џеб, дневниот билет ќе чини околу 350 денари, па дискутабилно е колку од македонските граѓани ќе можат да си го дозволат задоволство што ќе го пружи аквапаркот.
Директорот на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Карпушевски, пред неколку месеци најави дека аквапаркот ќе биде една од главните содржини на центарот и дека на граѓаните ќе им обезбеди нешто ново и возбудливо што досега главниот град го немал. Тој, исто така, додаде дека целна група ќе бидат децата на школска возраст, кои за време на летниот период се на распуст и очекуваат тие да бидат најчести посетители, но и семејни посети како од граѓаните на Скопје, така и од оние од внатрешноста.
Градежните работи ги изведува група понудувачи што се пријавиле на тендерот кој беше распишан од страна на спортскиот центар. Станува збор за градежната фирма „Жикол“ од Струмица, турската фирма „Полин“, која зад себе има околу 2.000 проекти од ваков тип низ светот, како и фирмата „Електро унион-Скопје“.
Висината на инвестицијата за изградбата на аквапаркот е околу 4,2 милиони евра, а средствата се обезбедени од страна на Владата. Тој се гради на парцела од 12 илјади квадратни метри и се наоѓа на северната страна од спортскиот центар, односно веднаш до хотелот „Александар палас“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.