| четврток, 6 декември 2018 |

Вакцина што го уништува ракот ќе се тестира на луѓе

Револуционерната вакцина за рак, која ги напаѓа туморите по целото тело, штотуку влезе во фаза на тестирање на луѓето.
Научниот тим на Универзитетот Стенфорд, кој веќе разви еден од најмногу користените лекови за рак, тврди дека само една инјекција во туморот ја поттикнува имунолошката реакција на организмот, која ги напаѓа и сите други тумори што евентуално метастазирале по телото. Тоа значи дека би можело да им даде надеж – и повеќе од тоа – на пациентите со поодмината фаза на карцином, чиишто шанси за излекување од рак во моментот се сметаат за минимални.

90 отсто глувци излекувани од само една инјекција

Како што јавува „Вик“, тестирањето на луѓето ќе се спроведе имајќи предвид дека тестирањето на глувците, според истражувачите, поминало „запрепастувачки добро“. 90 отсто од тестираните животни биле излекувани по само една инјекција, а другите по уште една. Лекот дејствувал дури и кај глувците кај кои ракот се проширил низ целото тело.

Имајќи предвид дека една доза од лекот судејќи по сè е доволна, истражувачите тврдат дека ќе биде поволна и, уште поважно, дека веројатно нема да има нуспојави што ги имаат другите лекови против ракот кои го стимулираат имунолошкиот систем.

Истражувањето за овој неверојатен лек е објавено завчера во научниот магазин „Саенс транслејшнал медисин“. Иако оваа терапија се нарекува вакцина против ракот, разликата во односот на вакцината против грипот и другите инфекции е тоа што оваа вакцина им се дава на луѓето што веќе имаат рак.

Вакцината ги оспособува имуните Т-клетки што се борат против ракот

Вакцината има две компоненти: првата е кратка секвенца на ДНК, која со блиските имунолошки клетки ја интензивира експресијата на активацискиот рецептор на површината на Т-клетките, кои се клучни во борбата на организмот против ракот. Другата компонента на лекот е антителото кое се поврзува со рецепторот, ги активира Т-клетките и ги напаѓа клетките на ракот. Бидејќи се вбризгнува директно во туморот, лекот ги оспособува Т-клетките што го препознаваат ракот бидејќи се веќе внатре во него.

– Ова е многу таргетиран пристап – објаснува д-р Роналд Леви, професор по онкологија, чија лабораторија веќе развила раширен вид хемотерапија наречена ритуксимаб (Rituximab).

Дали ќе дејствува и на луѓето?

Истражувачите планираат да ја тестираат вакцината, односно лекот, на 15 доброволни пациенти што боледуваат од лимфом. Но, ако биде успешна, д-р Леви верува дека терапијата ќе може да се користи и за многубројни други видови рак.

– Не мислам дека постои граница за видот на туморот што потенцијално можеме да го лекуваме, сè додека го инфилтрирал имунолошкиот систем – рекол Леви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top