| четврток, 6 декември 2018 |

1.985 затвореници бараат амнестија

До денеска во Кривичниот суд во Скопје пристигнале 1.985 барања поврзани со Законот за амнестија, соопштија денеска од судот. Оттаму појаснуваат дека дел од барањата може да се однесуваат на исто лице кое е осудено во повеќе предмети.

Кривичните совети од одделот за кривично полнолетни и одделението за организиран криминал и корупција, кои што постапуваат по барањата, работат постојано и сите донесени решенија веднаш се доставуваат до затворските установи, од каде се и пристигнати. Кривичните совети на судот треба да утврдат дали осудените лица кои поднеле барања ги исполнуваат условите од Законот за амнестија за да добијат помилување.

Поради големиот број на пристигнати барања од судот велат дека кривичните совети ќе работат и за време на викендот за да се запази рокот од 5 дена за одговор, а кој почнува со денот на приемот на барањата.

„Откако ќе биде постапено по сите пристигнати барања, ќе може да излеземе со конкретна бројка на донесени решенија“, велат од судот.

Според проценките на Владата и на Министерството за правда, со Законот околу 670 лица треба да бидат целосно ослободени од издржување на затворска казна, додека на 3.097 ќе им биде намалена казната за 30 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top