| четврток, 6 декември 2018 |

„Њујорк тајмс“: Американски генерали стравуваат дека Трамп сака војна со Северна Кореја

Во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп расте гневот кон врвот на армијата на САД, поради нивното одбивање да достават поголем број воени опции во врска со Северна Кореја, тврди весникот „Њујорк тајмс“.

Според весникот, советникот за национална безбедност на Трамп, генералот Херберт Рејмонд Мекмастер, побарал на претседателот да му бидат доставени разработени воени планови за справување со режимот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој предизвика тензии во текот на минатата година со неговите ракетни проби.

Но, според весникот, во Пентагон имало сериозна загриженост дека, доколку на претседателот Трамп му достават планови за војна со Северна Кореја, тоа може да го поттикне да започне конфликт. Поради тоа, тврди весникот, доставувањето на бараните планови доцнело и во Белата куќа растел гневот насочен кон Пентагон.

Разликите во погледите меѓу Администрацијата на Трамп и воената и дипломатската служба избија на површина неделава, откако претседателот го стопираше именувањето на Виктор Ча за амбасадор во Јужна Кореја.

Ча изјави дека е против превентивен воен напад врз Северна Кореја бидејќи тоа би можело да предизвика поширок конфлкт, во кој би можеле да загинат стотици, па и илјадници Американци, по што Трамп ја повлече неговата номинација за амбасадор.

Дополнителен проблем е и конференцискиот телефонски разговор што се одржал во текот на летото меѓу водечки лица од кабинетот на Трамп и раководството од американската армија.

Според „Њујорк тајмс“, по разговорот, Мекмастер, државниот секретар Рекс Тилерсон и секретарот за одбрана Џејмс Метис продолжиле да разговараат за корејското прашање меѓу себе, без да знаат дека телефонската линија се уште е отворена и дека генералите во Пентагон можат да го слушнат нивниот разговор.

Содржината на разговорот во Белата куќа, според весникот, предизвикала загриженост во Пентагон дека Администрацијата на Трамп сериозно се подготвува за војна со Северна Кореја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top