| четврток, 6 декември 2018 |

Лукаревска: Физичките лица доброволно и без казни да се регистрираат за ДДВ

Управата за јавни приходи ќе чека физичките лица кои во 2017 оствариле промет над еден милион денари доброволно да се регистрираат како ДДВ обврзници и нема да „удри“ по нив со казни. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска очекува годинава како ДДВ обврзници да се регистрираат приближно ист број физички лица како и минатата година, кога имало 1.185 вакви граѓани. Рече дека Управата има систем за следење на приходите на граѓаните, но ќе дејствува пред сè превентивно.

Не секој од физичките лица се има регистрирано. Најдобро би било за нив да се регистрираат затоа што ќе ги имаат сите поволности како и другите останати правни лица, коишто се ДДВ обврзници. Можам да напоменам дека станува збор за многу мала бројка на физички лица коишто треба да се регистрираат. Пред се ќе оставиме простор за доброволно регистрирање.“, изјави Сања Лукаревска, директор на Управа за јавни приходи

Лукаревска рече дека годинава нема да има никави промени кај ДДВ – то, но се прават анализи за даночни промени кои евентуално би стартувале од идната фискална година. Се разгледува и можноста за промена на прагот, кој како што истакна Лукаревска, сигурно нема да биде понизок од актуелниот, кој изнесува еден милион денари. Според неа, ќе се земат предвид и забелешките на стручната јавност за тоа кои категории физички лица би требало да бидат ДДВ обврзници.

Во согласност со регулативата на ЕУ не смее да се прави разлика меѓу физички и правни лица кои врат промет од иста природа. Инаку би се отворил простор за даночно затајување.“, вели Лукаревска

УЈП повика како ДДВ обврзници да се регистрираат вештаци, стечајни управници, лица со авторски договори и договори на дело, членови на надзорни одбори, земјоделци. Невладиниот сектор и дел од експертите побараа прецизирање на големиот број нејаснотии и дилеми со кои е обвиена оваа даночна обврска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top