| четврток, 6 декември 2018 |

Путин или Трамп: Македонците го преферираат рускиот претседател за лидер

При избор помеѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, повеќе од една четвртина (29%) од испитаниците на глобално ниво во Анкетата на Галуп интернешенл се изјасниле дека како шеф на својата државата би го избрале сегашниот руски претседател. Kако лидер на својата земја Доналд Трамп го одбрале 17% од испитаниците. Слична е ситуацијата и во Македонија – запрашани да одберат меѓу Путин и Трамп, 29 отсто од испитаниците во земјава се одлучиле за рускиот претседател. Само 18 отсто би се одлучиле за Трамп како лидер. Сепак, најголем е процентот на македонски граѓани – 46 отсто кои ниту во едниот, ниту во другиот не го гледаат лидерот на Македонија.

Анкетата на Галуп интернешенл е спроведена во периодот од октомври до декември минатата година и со неа биле опфатени 53.769 лица во 55 земји и опфаќа околу 2/3 од глобалната популација. Дел од граѓаните биле анкетирани по телефон, а во Македонија истражувањето го напавила Брима со теренска анкета, лице в лице, на 1.210 испитаници.

Владимир Путин е генерално префериран во повеќето региони, освен во САД. Резултатите покажуваат дека Владимир Путин е посакуван лидер за жителите во 25 земји меѓу кои се најдоа и Германија каде Путин води со +15% пред Трамп, Франција со +9% и Ирска со +5%. Во 20 земји испитаниците ги отфрлаат и двата потенцијални кандидати за позицијата водач на нивната земја. Ова исто мислење го делат дури 45% од сите анкетирани испитаници на глобално ниво.

Од земјите во регионот најголема наклонетост кон рускиот претседател Путин има во Грција со 59 отсто, Србија со 56 отсто, БиХ и Турција со по 50 отсто, Хрватска со 36 отсто и Бугарија со 26 отсто. Само девет земји меѓу 55-те учеснички во истражувањето му даваат предност на Доналд Трамп како посакуван лидер, меѓу кои водечки се Косово каде Трамп води со +40% пред Путин, Албанија со +37%, Филипини со +35% и САД со +33%.

На прашањето, пак, која земја треба да биде глобален лидер, секој четврти испитаник во светот, односно 25 отсто, се изјасниле за заедничко американско-руско лидерство, 19 отсто се определиле само за САД, а најголем број 43 отсто не сакаат никого како водечка сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top