| четврток, 6 декември 2018 |

Купил ормари во “second hand” продавница и ги отворил, а во нив илјадници тајни и строго доверливи владини документи

Австралиската влада денес отворила итна истрага поради илјадниците доверливи документи кои биле изгубени, а кои дошле во јавноста откако во “second hand” продавница биле купени два ормари во кои биле тие документи.

Австралиската медиумска мрежа “ABC”, имено, оваа недела објавила серија ексклузивни извештаи, наведувајќи ги како извор документите од кабинетите на актуелната и претходната влада, за денес да се открие дека тие документи се пронајдени во заклучени ормари кои биле купени во една “second hand” продавница во Канбера, а дека ормарите и припаѓале на владата.

Инаку, ормарите биле на попуст бидејќи биле заклучени, а никој не можел да ги пронајде клучевите.

Како што пренесува “AP”, “ABC” не го открил идентитетот на купувачот кој со алат ги отворил ормарите и внатре пронашол илјадници документи кои содржат податоци од период подолг од една деценија и пет претходни влади заклучно со мандатот на премиерот Тони Абот, кој бил сменет во 2015-тата година и на чие место дошол актуелниот премиер Малком Турнбул.

Според австралискиот закон, документите од кабинетот на владата обично се чуваат 20 години, по што се објавуваат во строго прилагодена верзија.
Неколку продавници се занимаваат со продажба, како што е опишано, на некогашен владин мебел во Канбера.

Од кабинетот на премиерот е соопштено дека шефот на кабинетот наредил итна истрага на овој настан, а ABC известува дека речиси сите пронајдени документи се доверливи и дека носат ознака “строго доверливо”, “чувствително” и “само за очите на Австралија”.

Исто така, австралиската медиумска мрежа не навела во кој период биле пронајдени документите, но ги искористила за приказните кои биле срамни за поранешните администрации на премиерот Кевин Руд и Абот, како и за неколку тогашни пратеници.

Австралиската медиумска мрежа соопштила дека одлучила да не објавува некои документи кои се однесуваат на државната безбедност.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top