| четврток, 6 декември 2018 |

Нимиц: Верувам дека е дојдено време за решение

Сега е вистинското време да се реши 25-годишниот спор за името и има волја и на двете страни за тоа, изјави посредникот на ОН Метју Нимиц по средбата во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

Оценувајќи ја средбата како конструктивна, како што јави дописникот на МИА од Атина, Нимиц рече дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

Постојат неколку тешки прашања, но мислам дека во Атина и во Скопје, има добра волја да се затворат.

Нимиц не сакаше да прецизира што содржат неговите последни предлози доставени до Атина и Скопје. Посочи дека во медиумите протекоа некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

– Двете страни може да имаат и нивни идеи за кои јас можам да посредувам, но не да судам. Од моја страна давам идеи за кои сметам дека се најдобри во моментов, рече Нимиц.

Тој претходно имаше средба со Јорогос Кумуцакос одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија, но по средбата не беа дадени изјави за медиумите.

Посредникот на ОН од Атина утре заминува во Скопје на дводневни разговори со македомнскиот државен врв.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top