| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Џафери не смее да ги повлече амандманите, Собранието мора да ги разгледа сите

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на брифинг во Собранието одржан денеска рече дека доколку Џафери ги повлече амандманите и Собранието не ги разгледува, тој ќе постапи противзаконски. Согласно со Деловникот за работа на Собранието не може да се избегне разгледување на поднесените амандмани за Законот за јазиците, во трето читање, а ако тоа се случи тоа би било целосно погазување на Уставот и на уставниот поредок.

-Не може Џафери да го оспори правото на ниту еден пратеник да поднесе амандман и да оспори, односно Собранието да не ги разгледа. Повтореното трето читање не е оценување на уставноста. Но, пратениците имаат право во отстапка да укажат дали одредени решенија во законот се уставни или не. Собранието тоа го има како надлежност. И во претходните фази, постоело. Третата фаза која сега е во Собрание е целосно легитимна, а основ, се укажувањата на претседателот Иванов, вели Илија Димовски, кој апелираше до Џафери да размислува во правец да обезбеди нормално функционирање на Собранието на Република Македонија.

Според него, намерата не е да запрат или да спречат решенија за подобро употреба на јазиците на помалите заедници.

– Амандманите се исклучиво врз основа на укажувањата на Иванов. Во Собранието не постои ниту функција ниту институција која на пратениците може да има забрани или да им ускрати право да поднесат амандмани, којашто може да забрани или одземе право на Собранието да се произнесе за поднесените амандмани, истакна пратеникот на опозициската партија. Уставноста може да се оценува само на донесен закон, но Законот за јазиците не е сѐ уште донесен, посочува Димовски.

Според Димовски, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја запре дискусијата која се однесува на јазиците. Пратеникот вели дека ова сѐ уште не е закон, туку предлог-закон бидејќи не е објавен во Службен весник.

-Поднесувањето на 35.000 илјади амандмани е со цел да ја разбуди свеста кај Владата на РМ, дека за овие прашања треба да биде постигнат општествен консензус. Тие треба да разговараат со професори правници и албанолози, да ги слушнат ставовите на помалите политички заедници. Постојат 10 формални начини за се дојде до решение. Но формата не е битна, ова не треба да биде прашње на волја за да биде донесено решение. Јас не бев дел од преговорите за составување Влада и не знам какво било предлог-решението кое тогаш беше ставено на маса, поврзано со Законот за јазици, додава Димовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Џафери има тешка обврска во овој момент и дека нема да потклекне под како што вели, политичката екскурзија, бидејќи досега има премногу кршења на процедурите. Димовски напомена дека ако ВМРО-ДПМНЕ сакале да ја блокираат работата на Собранието, тие ќе поднеле 350 илјади амандмани, а не само 35.000.

-Мислам дека по вчерашниот ден, дилемата за политичка одговорност е неоснована. Самиот Џафери со прекинување на постапката за носење на Законот за јазици, покажа дека се тоа може да минимизира. Впрочем, не постои никаква опасност за блокирање на сите закони и иницијативи кои ќе значат доближување на Македонија во НАТО и ЕУ, вели Димовски.

Според него, Уставниот суд нема право, надлежност и можност да се изнесува по Законот за јазици. Димовски вели дека се чуди што СДСМ и ДУИ трчаат да седнат на маса со ВМРО-ДПМНЕ за решение со името, а пак, не седнуваат за употребата на јазиците.

-Непринциелно е кога СДСМ и ДУИ да седнат разговараат, бидејќи политички мораат, за проблемот со името, а да не седнат кога во прашање е законот за јазици, каде што исто треба да се разговара многу важно прашање. Ние никогаш не сме имале проблем да разговараме за ова прашање, туку имаме проблем кога власта ќе игнорира голем дел од македонската јавност, додава Димовски.

Пратеникот Димовски тврди дека од 70 до 150 дена ќе требаат за завршување на сите амандмани во Собранието.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top