| четврток, 6 декември 2018 |

Популарна фитнес апликација откри тајни податоци на американската војска (ФОТО)

Фитнес апликацијата Страва ги мапираше, и со тоа им ги откри на корисниците, движењата на американските војници во базите во Сирија и Авганистан, поради безбедносен пропуст меѓу персоналот на таа компанија.

Страва во моментов има околу 27 милиони корисници низ светот, а „топлинската мапа“ која беше објавена во ноември, го покажува движењето на корисниците во периодот од 2015 до крајот на 2017 година, но не во реално време.

Безбедносниот пропуст прв го забележал 20-годишен австралиски студент, Нејтан Русер, кој своето откритие го објави на Твитер.

„Ја погледнав мапата и помислив „ова не би требало да биде тука – ова не е во ред“. Сметав дека е најдобро да се објават грешките за да се поправат. Верувам дека ова некој би го забележал, јас случајно ги поврзав податоците“, кажа Русер за Би-би-си.

Strava released their global heatmap. 13 trillion GPS points from their users (turning off data sharing is an option). https://t.co/hA6jcxfBQI … It looks very pretty, but not amazing for Op-Sec. US Bases are clearly identifiable and mappable pic.twitter.com/rBgGnOzasq


На мапата се појавиле траси околу базите на САД во Сирија, Јемен, Нигер, Авганистан и други земји.

Не се погодени само американските бази, на мапата можат да се видат и патролните рути на војниците околу базата Хмејмим во Сирија, а забележана е и базата на Кралското воено воздухопловство на Британија на Фолкандските Острови.

Страва го користи ГПС-то на мобилните телефони и на тој начин ги следи корисниците, кои ќе се решат да ја користат таа опција. Врз основа на собраните податоци, како и податоците од фитнес нараквиците како „фитбит“ и „џобоун“, се создава „топлинска мапа“ на активностите на корисниците, пренесува Би-би-си.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top