| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски – Дол: Владата мора да преземе одговорност за обезбедување на подобра иднина на земјата

Дводневната посета на Брисел на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заврши со средба со Жозев Дол, претседател на Европската народна партија (ЕПП).

На средбата, на која синоќа присуствуваа и потпретседателот Александар Николоски и членот Извршниот комитет Владимир Ѓорчев, се разговарало за актуелните општествено-политички состојби и стратешки приоритети на Република Македонија за членство во Европска унија и НАТО, како и за продолжување на соработката со европските народни партии.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочил дека е потребен политички дијалог со сите политички чинители за надминување на разликите во однос на клучните процеси во државата,.

Мицкоски истакнал дека актуелната власт спроведува политички прогон врз граѓаните, како и врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Според Мицкоски ваквиот чин ја уназадува државата и го отежнува демократскиот процес.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изразил голема загриженост за економската клима и правецот во кои се движи Република Македонија, како и за уназадувањето на реформските процеси во државата во сите сфери.

-Државата уназадува, а стандардот на граѓаните слабее. Владата мора да преземе одговорност за обезбедување на подобра иднина на земјата, истакнал Мицкоски на средбата со Дол.

Делегацијата на ВМРо-ДПМНЕ ги презентирала новите партиски структури, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и идните чекори на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Соговорниците истакнале дека и во иднина ќе продолжи добрата соработката и комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ со народните партии во Европа.

Европската народна партија е најголемата политичка структура во Европа, која ги обединува сите десничарски партии. Во ЕПП членуваат над 70 политички партии од над 40 земји. Од редовите на ЕПП се претседателот на Европската комисија и Европскиот совет, како и 16 претседатели на влади, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top