| четврток, 6 декември 2018 |

Тркалото се сврти: Русија ги обвинува САД дека се мешаат во претседателските избори

Извештај од САД што се очекува да излезе наскоро и во кој би можело да се спомнат санкции за олигарсите поврзани со Кремљ е обид да се влијае врз претседателските избори во Русија закажани во март, вели Москва.

Извештајот на американската Државна благајна се очекува во детали да ја изнесе тесната поврзаност на руски политички играчи и олигарси со претседателот Владимир Путин кој повторно ќе се кандидира за највисоката позиција.

Американските служби ја обвинија Русија дека се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година, тврдења што Кремљ категорично ги негираше.

Лани, претседателот на САД Доналд Трамп ѝ наметна нови санкции на Русија, но го обвини Конгреот дека постапил вон своите овластувања и дека го спречува во иднина да ги олеснува санкциите врз Русија.

Американскиот претседател во повеќе наврати ги негираше обвинувањата дека вработени во неговата кампања соработувале со Русија за да му помогне да ја победи Хилари Клинтон на претседателските избори во ноември, 2016 година.

Обвинувањата со кои излегоа разузнавачки извори сега се под истрага на Конгресот и специјална истражна група.

Се чини тркалото на обвинувања се сврти и сега САД се на обвинителна клупа.

Портпаролот на Путин рече дека извештајот ќе биде детално анализиран кога ќе излезе.

Дмитри Песков рече дека извештајот е „директен и очигледен обид да се врши влијание врз изборите“ на 18 март.

Сепак, тој додаде дека е сигурен дека евентуалната листа нема да влијае врз гласовите.

Кремљ вети дека ќе помогне да се ограничи понатамошната штета на сметка на руските олигарси и бизнисмени кои би се нашле на таа листа.

Лани, Путин наводно се сретнал со водечки бизнисмени на средба зад затворени врати за да дискутираат за тоа.

Минатата недела, шефот на руската банка VTB Андреј Костин за „Фајненшал тајмс“ изјави дека ако САД воведат нови економски санкции против Русија, тоа ќе биде „објава на војна“.

Се чини дека Путин без мака ќе победи на закажаните избори откако неговиот главен ривал, опозиционерот Алексеј Навални, беше спречен да се кандидира, а вчера беше на кратко уапсен на протестите за бојкот на изборите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top