| четврток, 6 декември 2018 |

Кворум нема, превод на амандманите на албански нема, расправата за Законот за јазици продолжува утре

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја одложи расправата за Законот за јазици, кој беше осма точка на дневниот ред на денешната 32. седница, бидејќи како што кажа, „нема технички услови за расправа“. Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.

– Имајќи ја предвид формалната процедура за обработка на сите амандмани кои се 35.569 на број, тие не се довршени. И деловната обврска за превод не е исполнета – рече Џафери.

Тој и наложи на собраниската служба да информира кога ќе има услови да се расправа по ова точка.

На седницата немаше кворум за гласање по 45-те точки на дневниот ред, на кои се и составите на собраниски органи, тела, комисии, делегации, совети и комитети.

На денешната седница најжестока дебата имаше по предлогот дали амандманската расправа за Законот за јазиците да се најде на дневниот ред.

Тензијата се зголеми кога собранискиот спикер, Талат Џафери, не им даде право на процедурална забелешка на координаторите на пратеничката група, бидејќи како што рече тој, координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев не бил присутен во Парламентот.

– По одржувањето на конгресот и формирањето на партиските тела, неофицијално ме известија од партијата дека работите во Собранието до официјално избирање на нов координатор, ќе ги координира пратеникот Владимир Ѓорчев. Истиот не е тука и немате право на процедурално, рече Џафери со што предизвика негодување кај пратениците од оваа партија.

Дел од нив станаа од своите места и излегоа на говорницата за да се разберат со Џафери.

Потоа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара збор и го замоли Џафери во име на досегашната соработка да се држи, како што рече, до формално-правните обврски.

-Се наоѓаме во момент во кој сме збунети, толкав број амандмани и вие и СДСМ не можете да разберете дека треба да слушнете туѓо мислење, дека експертската јавност мисли поинаку од она што вие имате намера да го направите со Законот за јазици. Како долгогодишен колега ве замолувам да се држиме до форма. Точно е во смисла на тие разговори, но од формално правен аспект не е точно. Се уште немаме допис со промена на моделот според кој ќе функционираме како пратеници, рече Димовски.

Џафери продолжи со седницата и не им даде право на процедурална забелешка на неколкуте координатори на ВМРО-ДПМНЕ.

Секој пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ имаше различно барање. Пратениците ги образложуваа своите предлози, што траеше неколку минути, по што се гласаше.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top