| четврток, 6 декември 2018 |

Распад на државата

Михајло Маневски

      Законот за употреба на јазиците увод во распад на државата       

              Пратениците на СДСМ во Собранието на Македонија грубо ја прекршија  заклетвата дека ќе работат во согласност со Уставот и законите и дека ќе го штитат Уставниот поредок на Република Македонија со тоа што гласаа за еден неуставен Закон за употреба на јазиците со фатални последици за опстанокот на државата. Oвие пратеници ќе бидат запишани со црни букви во историјата Македонскиот народ. Тие го предадоа Македонскиот народ кој никогаш нема да им прости за тоа предавство. Ќе дојде време кога народот ќе ги повика на одговорност за велепредавство на националните и државните интереси на Македонија и за рушење на Уставниот поредок на државата, нејзиниот суверенитет и унитарност. Такво велепредавство не се заборава и никогаш не застарува.

                               Oпасни лаги и измами

             За координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев има само една дилема, дали е удрен со цигла или има цигла во главата! Како папагал постојано повторува една глупост дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со амандманот 5 од Уставот. И толку, толку му фаќа умот. Артан Груби со малото прсте го држи на конец и го влече како пудлица. Бесрамник и подлец, целосно го загубил умот и работи против интересите на Македонскиот народ. Тој е најслепиот послушник на Зоран Заев, покорниот слуга на Али Ахмети, кој цинично се смее полн од среќа и задоволство со изгласувањето на еден целосно нуставен закон со кој се руши државата.

Голема лага и опасна измама е дека овој Закон е во согласност со Амандман 5 од Уставот и со Охридскиот рамковен договор. СДСМ и Зоран Заев тоа упорно го повторуваат без да наведат никави аргументи, игнорирајќи плејада научни и стручни институции и експерти. Се игнорираат мислењаата на академици и врвни професори и експерти, на научната и стручна јавност, на граѓаните. Да беше поинаку, Претседателот на Република Македонија Д-р       Горѓе Иванов немаше да стави забелешки на 19 од вкупно 25 одредби од Законот, поради тоа што не се во согласност со Уставот и не го подпиша Указот за прогласување на Законот. Зоран Заев под притисок на Али Ахмети и патолошката желба да ја задржи власта врши предавство на сопствениот народ и по цена да се уништи државата.

Ќе надвладее ли разумот?  

Ќе надвладее ли разумот дека ваков закон не се донесува со сила и со подметнување, без никаква расправа. На  Законот лажно му ставија европско знаменце, како алиби да се оневозможи расправа и воопште да не се води никаква дебата. Слика и прилика беше фингираната седница на Комисијата на за европски прашања, на која претседателот на Комисијата Артан Груби целосно ја блокираше расправата по поднесените 86 амандмани, за да на крајот, како спомен за “големата победа” направи славеничка фотографија. Срамно однесување за еден претседател на Собраниска комисија.

Пораките од Тирана на креаторот на Тиранската платформа Еди Рама  дека ова е историска победа на Албанците, само ја подгреваат и онака вжештената атмосвера и триумфализмот на победник и поразен. Ако некој извојувал историска победа, тогаш друг претрпел историски пораз и тие две работи не одат заедно. Во суштина ваков закон не е во интерсе на никого, ниту на албанците, ниту на македонците, не е во интерес на државата.

Ќе надвладее ли свеста на пратениците од СДСМ, да одолеат на притисоците и уцените на кои се изложени и спротивно на нивната воља да гласаат неуставен закон против својата држава и против својот народ. Сега, со враќање на Законот во Собранието на повторна расправа, имаат прилика да размислат и со своја совест да не дозволат да се донесе ваков закон со кој се руши Република Македонија, а тие и нивните поколенија да ги запише историјата како најголеми предавници на македонскиот народ и за рушење на македонската држава. Каде ќе им оди душата?

Ќе надвладее ли свеста кај пратениците од ДУИ и другите албански партии дека ваков закон не е во ничиј интерес. Пораките од Тирана и Приштина преставуваат долевање масло на огнот и преставуваат грубо мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Национализмот и шовинизмот не се во интерес на ниту еден народ, а ниту на албанскиот народ.

  Нема Уставна основа за спроведување судски постапки на албански јазик

Како долгогодишен вршител на работи во правосудството, ќе повторам уште еднаш, дека немаат никаква Уставна основа одредбите од Законот за  спроведување на судските и управните постапки на албански јазик. Тие одредби од Законот се анахрони и неуставни.

Прашањето за употребата на јазикот при водењето на судските постапки е уредено со амандманот XXV на Уставот. Според овој амандман, постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, а според амандман XXX, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Употребата на јазикот во постапка пред судовите е уредена со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за управните спорови, Законот за прекршоците, а во управната постапка со Законот за општата управна постапка и други процесни закони. Сите наведени закони се системски и се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, од кои најголемиот број во времето од 2008 до 2015 година и сите тие закони имаат верификација на ЕК.

             Законот за кривичната постапка е донесен на 17 ноември 2010 година и за негово донесување гласале 81 пратеник, односно две третини од вкупниот број пратеници на Собранието, меѓу кои и пратениците на ДУИ. Одредбите од Законот за кривичната постапка за употреба на јазикот во постапката соодветно се применуваат и во прекршочната постапка. Според членот 8 од Законот за кривичната постапка, во кривичната постапка службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. На никого во постапката не му е скратено правото да зборува на својот јазик. Со Законот се гарантира правото на обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, сведоците и другите учесници што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, во постапката да го употребуваат својот јазик и писмо. Со членот 10, се гарантира правото на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот поднесоците да можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо, кои се преведуваат и се доставуваат до странките. Поканите, одлуките и другите писмени документи на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот јазик ќе им се достават и на тој јазик.

                Законот за парничната постапка е донесен на 15 септември 2005 година, а значајни измени и дополнувања на Законот се донесени на 25 јули 2010 и на 22 јули 2015 година. За донесување на законите гласале и пратениците на ДУИ во Собранието. Идентични се оддредбите за употереба на јазикот во парничната постапка со изнесените одредби од Законот за кривичната пшостапка. Одредбите од Законот за парничната постапка за употреба на јазикот во постапката се однесуваат и на Законот за вонпарничната постапка, донесен исто така со двотретинско мнозинство на 18 јануари 2008 година.           Во  во членот 7-а од Законот за управните спорови се предвидува дека во постапката за управните спорови, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. И овој закон е донесен на 17 ноември 2010 година со двотретинско мнозинство од вкупониот број пратеници.

Нема никаква Уставна основа членот 9 од Законот за употреба на јазиците за водење на судските, управните, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, извршните постапки, предистражни и истражни постапки, постапка за извршување на санкции, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и други органи и институции. Со ова одредба се предвидува дека постапките се водат на  македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Спрема членот 9 од Законот, единствен критериум за водење на судски и други постапки на македонски и на албански јазик е само етничката припадност на судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката. Тоа значи дека доколку само едно од наведените лица е албанец по националност, постапката ќе се води и на албански јазик и одлуките ќе се донесуваат и издаваат на двата јазика.

Што значи ова од практичен аспект?  Тоа значи дека ако во една судска постапка во која има 60 учесници или повеќе и до колку само еден сведок или само едно лице е албанец, постапката ќе се води на македонски и на албански јазик. Тоа значи дека ќе се водат два записника за главната расправа на Македонски јазик и на Албански јазик и на нивните писма, ќе има дваица записничари и дваица преведувачи. Едниот записничар ќе го пишува записникот на македонски јазик, кој ќе му го диктира преведувач, доклолку судијата е албанец,  а друг записничар ќе води записник на албански јазик, кој ќе му го диктира преведувачот, доклку судијата е македонец.  Ако се водат два записниака на двата јазика, тогаш судијата не го диктира записникот, туку преведувачот, што е спротивно на процесниот закон. Кој од тие записници е веродостоен, тој на Албански или на Македонски јазик?  Кој ќе го утврди тоа? Каква ќе биде постапкаата пред повисокиот суд во жалбена постапка? Нема одговор на ниту едно прашање. Овој пример се однесува и на сите други судски постапки, парнични, прекршочни, вонпарнични,  управни спорови, управни постапки  и други постапки пред судовите и јавните обвинителства и други органи и институции. Во САД дневно во судниците се говори на окулу 130 јазика, но постапката се води на англиски јазик, а на лицата кои не го познаваат англискиот јазик во постапката им се обезбедува преведувач.  Овој Закон не го разбрал ниту францускиот амбасадр н.е Кристијан Тимоние.

Како може со еден закон што се донесува со најмалку 40 пратеници, да се изменуваат системски закони кои се донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници? Сите закони за судските и управните постапки и други процесни  закони се донесени од 2007 до 2015 година и сите тие имаат верификација на ЕУ. Правна еквилибристика и небулозно е да се предвиди автоматизам за примената Законот за употреба на јазиците доколку во рок од една година не се усогласат јазичните одредби од другите закони, како што се предвидува во членот 23 став 4 од Законот. Тоа значи дека на Закон донесен со 40 пратеници му се дава снага на Устав, со кој се дерогираат одредбите од двотретинските закони. Тоа во правната теорија и правнта легислатива е непознато и не е прашање за кое требе да се дискутира, тоа е небулозно и да се помисли, а камоли да се напише.

Тотална блокада и распад на системот

Со ваков Закон за употреба на јазиците, тотално ќе се блокира работата на сите државни органи, на сите институции и на сите нивоа. Ќе се блокира работата на управните, судските и други правосудни органи. Се генерира еден тотално неефикасен систем кој ќе ја сруши државата на колена да не може да функционира и самата да се распадне. Тоа ли е целта на Зоран Заев, државата да се доведе во калапс, системот да се загуши и да не функционира?

Само на дневна основа, по една груба проценка за спроведување на овој неуставен и неспроведлив закон во органите на државната власт, образовни здравстевни и други институции  и други државни органи, во судовите и јавните обвинителства ќе треба минимум над 5.000 до 7000 илјади преведувачи и записничари. Не е ни чудно што овој закон нема никава проценка за финансиските импликации, а средствата од 1,7 милиони евра за спроведување на Законот се само обична мамка.

            Законот за употреба на јазиците е неуставен, неразбирлив и неприменлив. Зоран Заев со цел по секоја цена да ја задржи власта, ја  држи  во заложништво државата и судбината на македонскиот народ. Толку ли му е вредна власта? И додека се врши терор врз хероите на македонскиот народ кои неосновано се држат во притвор во Шуто Оризари за непостоечко конструирано кривично дело, се врши огромен систематски секојдневен организиран притисок и закани врз македонскиот народ на сите можни начини, со цел да  се заплаши нарородот да биде нем наблудувач на тоа како му се руши државата. Но, Зоран Заев е во голма заблуда ако  мисли дека со закани и уцени ќе го заплаши народот. Народот ќе си дојде по своетио и ќе си ја сочува и државата, јазикот и писмото. Заканите и притисоците можат да имаат само обратен ефект да ја зацврстат непоколебливата воља на народот да ја сочува државата по секоја цена.

Ниту еден предавник не се спасил од народот и од злоделата што ги прави зрз својот народ и својата држава. Нема да се спасат ниту овие предавници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top