| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски во дводневна посета на Брисел – средби со Хан, Могерини, Дол

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски утре заминува во прва работна посета на највисоко можно ниво на Брисел. Мицкоски го придружуваат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и членот на Извршниот комитет Влатко Ѓорчев, со кои заедно ќе остварат средби со високи претставници на Европската Унија, како и со претставници на Европската народна партија, во која е член и ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на утрешниот ден се очекува делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ да ја започне својата агенда на средба со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Исто така, за утрешниот ден се предвидени и официјални средби со пратениците во Европскиот парламент- Андреј Каватчев, Пол Рубиг и германскиот пратеник Кнут Фленкештајн.

Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе има и средба со високата претставничка за надворешна политика и безбедност во Европската унија, Федерика Могерини, како и со Претседателот на европскиот парламент Жозеф Дол.

Прашањето за името сигурно ќе биде една од темите на која лидерот на ВМРО ДПМНЕ ќе разговара со највисоките европски авторитети во Брисел.

Вториот ден од официјалната посета, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари средби и со европратениците Иво Вајг, Едвард Кукан, како и со големите подджувачи на Македонија, пратениците Марија Петир и Алојз Петерле.

Ваквата работна посета на Мицкоски во Брисел преставува легитимирање на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ пред Европската комисија и Европскиот парламент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top