| четврток, 6 декември 2018 |

Неверојатно, но вистинито: Амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците фрлени во контејнерите зад Собрание (ВИДЕО)

Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците поднесени вчера, како што може и да се види од архивскиот печат на документите, денеска завршија во контејнерите зад Законодавниот дом. „Република“ поседува видеоснимка на која јасно се гледа дека во контејнерите зад Собранието почива демократијата во Република Македонија. Единственото легално и демократско оружје на опозицијата да се спротивстави на донесувањето на „неуставниот закон, кој е на штета на Република Македонија“ на подмолен начин ѝ е одземено на опозицијата.

Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици – рече потпретседателот на ВМРо-ДПМНЕ, Митко Јанчев, на прес-конференција во средата кога пратениците од најголемата опозициска партија одлучија да го прекинат бојкотот на Собранието и да се вратат во пратеничките клупи и да учествуваат во расправата токму за Законот за јазиците.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ искажаа подготвеност преку нивното присуство во Парламентот да се обидат уште еднаш да ги убедат пратениците од парламентарното мнозинство „во ризикот од последиците на носење на овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и охридскиот договор, туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите останати етнички заедници во Република Македонија“.

Инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија. Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат се што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон – рече Јанчев.

Купишта документи со потписи од поднесувачите, пратеници на најголемата опозициска партија, и архивски броеви фрлени се во полупразните контејнери зад Собранието без да бидат уништени на соодветен начин. Освен што овој подол акт е врв на недемократското владеење на СДСМ и ДУИ, тој е удар и врз приватноста и сигурноста на пратениците, чиишто лични податоци се наоѓаат на документите.

„Република“ го прашува Талат Џафери дали некој ќе понесе одговорност за овој сериозен скандал во Собранието на Република Македонија?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ досега поднела над 19.000 амандмани на Законот за употреба на јазиците, а од партијата најавија дека ќе поднесат вкупно 35.000 амандмани. Амандамните постојано пристигаат во архивата на Собранието, а потоа очигледно завршуваат во кантите за отпадоци.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев вчера изјави дека вкупниот број на амандмани ќе зависи од одговорот на владејачкото мнозинство за нивните барања за повлекување на текстот и за дијалог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top