| четврток, 6 декември 2018 |

Честитки за празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница во Македонија

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува задоволство на сите припадници на српската заедница во Република Македонија да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост, мир и благосостојба.

Преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник св. Сава, ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување.

Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување.

Српската заедница во Република Македонија, како и македонската заедница во Република Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави. Како одговорни граѓани на своите држави, но и доследни припадници на своите народи, двете заедници даваат пример како треба да се гради доверба меѓу балканските држави. Затоа сите ние треба активно да учествуваме во зајакнувањето на општествената кохезија и во градењето на просперитетна иднина за сегашните и идните генерации.

Нека е честит големиот празник!, стои во честитката од Претседателот на РМ д-р Ѓорге Иванов.

Честитка упати и премиерот Зоран Заев.

Премиерот Заев во писмото со честитки истакнува:

„Дозволете ми, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, на сите припадници на српската заедница во Република Македонија да им го честитам големиот православен празник, посветен на Свети Сава, со желби за добро здравје, радост и благосостојба.

Славењето на овој голем празник, од посебно значење за српската заедница, истовремено е и придонес кон промовирањето на мултикултурализмот и меѓусебното разбирање во Република Македонија.

Со славењето и почитувањето на празниците на нашите сегашни и идни поколенија создаваме традиција на негување на меѓусебните односи и почитување на различните културни особености на сите заедници во нашето општество“ пишува во писмото со честитки по повод празникот на српската заедница во Република Македонија Св. Сава, стои во честитката од Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски упати честитка по повод празникот „Свети Сава“ до припадниците на српската заедница во Македонија.

Во честитката, Мицковски наведува дека ваквите празници се исклучително значајни во заедничкото почитување, како и почитувањето и зближувањето меѓу граѓаните.

Почитувани припадници на Српската заедница во Република Македонија, дозволете ми во свое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ве поздравам и да Ви го честитам големиот празник Свети Сава.

На 27-ми јануари српската заедница во Република Македонија го слави денот посветен на Свети Сава, српски светец и просветител, кој оставил траен белег во негувањето и ширењето на христијанска мисла на Балканот. Неговото дело и учење оставиле силни универзални вредности на балканските христијански народи, но и не обединуваат во заложбата за создавање подобра иднина.

Ваквите празници се исклучително значајни во нашето заедничко почитување, како и почитувањето и зближувањето меѓу граѓаните. Од тие причини, но и од почит кон српскиот народ, веќе единаесетта година по ред го прославуваме овој празник откако по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и со поддршка на претставниците на српската заедница, установивме Србите во земјава да добијат свој официјален празник и датум за прослава.

Поврзаноста помеѓу нашите народи не собирала на заеднички прослави во минатото и не собира на заеднички прослави и денес. Преку духот на празнувањето отсекогаш се гледала блискоста помеѓу народите. Меѓусебната доверба соработка и разбирање секогаш се темелеле врз почитување и врз негување на традициите на сите граѓани во Република Македонија.

Чествувањето на денешниот празник е порака за заедништво, почит и силна меѓусебна соработка. Уверен сум дека и во иднина ќе продолжиме да работиме за напредок во секое поле од интерес на нашите народи и со силна волја ќе градиме подобра и просперитетна Република Македонија.

Нека е честит големиот празник !

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top