| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: 2018 може да биде година на Западниот Балкан

Тековната 2018 може да биде „година на Западниот Балкан“, доколку сите балкански лидери продолжат да инсистираат на реформите и на помирувањето, што вклучува и решавање на билатералните проблеми, оцени во Давос европскиот комесар за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Тој изјави дека во Давос имал „добри состаноци“ со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи и порача дека дијалогот е клучен за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици исто така порача дека ЕУ очекува интензивирање на дијалогот меѓу Белград и Приштина и нормализирање на односите.

– Важно е Србија да продолжи и со реформите во економијата и во вледеењето на правото, бидејќи тоа е клучно за пристапувањето во ЕУ и бидејќи поголемиот дел од 35-те преговарачки поглавја се однесуваат на економските реформи, рече Фабрици.

Тој оцени дека Србија остварила „добар напредок, но не треба да заборави дека реформите се постојан процес“.

Денешното издание на весникот „Вечерње Новости“ наведува дека покрај реформите во економијата и вледеењето на правото, нормализација на односите со Косово во форма на правно обврзувачки договор е најважната пречка за членството на Србија во ЕУ.

Според овој провладин весник, кој имал увид во работната верзија на Стратегијата на ЕУ за проширување, Белград до крајот на 2019 година треба да ги исполни преодните мерки од поглавјето 35 за Косово.

Сеопфатната нормализација на односите со Приштина е „итна“ и од “суштинска важност“, се наведува во Стратегијата, која содржи „индикативна илустрација“ на потребни чекори за завршување на процесот на пристапување на Србија во ЕУ до 2025 година, што би преставувало најдобро сценарио.

За исполнување на овој план, високата преставничка на ЕУ ќе го интензивира својот ангажман за олеснување на преговорите меѓу Белград и Приштина, со што за помалку од две години би требало да се затворат сите спорни теми.

Постигнувањето договор со Приштина до крајот на 2019 година делува преамбициозно, констатира „Новости“, но додава дека тоа не е и невозможно, доколку разговорите се издигнат на ниво на претседателите на Србија и Косово и со „асистенција на големите сили“, под услов Приштина да биде „стимулирана“ да ги исполни своити обврски.

Преодните критериуми кои Србија треба да ги исполни во однос на Косово се дадени во заедничката позиција на ЕУ за поглавјето 35 од ноември 2015 година. Таму се наведува дека тоа е имплементација на првиот договор од април 2013 година, што подразбира формирање на Зедницата на српски општини, договор за полицијата и правосудството како и договори поврзани со царината, слобода на движење и мостот во Косовска Митровица, признавањето на дипломи и учество на Косово во регионалните иницијативи.

Меѓутоа, се наведува и дека оваа прва група на преодни критериуми ќе се „ажурира по потреба“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top