| четврток, 6 декември 2018 |

Погледнете: Каков родител треба да бидете за да имате успешно дете

Ова се карактеристичните однесувања на родителите што имаат најуспешни деца:

1. Не им кажуваат на децата дека можат да станат сè што посакуваат

Иако звучи идеално да му се каже на детето дека треба „само да ги следи своите соништа“ и дека може да стане „сè што ќе посака“, во реалноста не е така. За да не се шокира на првиот неуспех, многу е подобро на детето да му се помогне пореално да се носи со реалноста. Затоа, советувајте ги децата дека за да стигнат до клучните одлуки околу својата идна професија, треба да ги земат предвид сите реални показатели и податоци за нивниот капацитет и афинитети, но и шансите за вработување и можностите за добра егзистенција.

2. Редовно вечераат заедно како семејство

Според непрофитната организација во рамките на Универзитетот „Харвард“, истражувањето покажа дека децата што редовно имаат заеднички оброци со своето семејство имаат помали шанси за предвремена бременост, депресија и прекумерна дебелина. Тие сметаат дека тајната е во тоа што редовно и здраво комуницираат со своето семејство за својот живот и не се чувствуваат отсечени, а родителите исто така навреме ги согледуваат проблемите со кои се соочуваат нивните деца, па можат навреме да реагираат.

3. Инсистираат на време без екрани

Родителите што на своите деца им дозволуваат повеќе време пред телевизор, компјутер или таблет им прават лоша услуга затоа што детето е толку окупирано со случувањата на екранот што не стигнува „да ги вежба“ обичните комуникациски вештини и соживот со другите луѓе. Затоа се препорачува определено време во денот да биде резервирано за заедничко дружење, игра или прошетка. Што се однесува до повозрасните деца, прекумерното користење мобилен телефон може да им го наруши и ритамот за спиење и квалитетот на сонот, а токму во тинејџерската доба е потребен квалитетен сон за да можат телото и мозокот да се носат со навалицата промени што се случуваат на таа возраст.

4. Мајките, кога се во можност, работат надвор од домот

Истражувањата на „Харвард бизнис скул“ тврдат дека иако постојат многубројни позитивни аспекти на работењето од дома, ќерките чии мајки работеле надвор од домот имаат поголема можност да се вработат, да основаат фирма или да бидат на некоја од водечките позиции во компаниите каде што работат. Исто така, тие имаат и поголема шанса да остваруваат повисоки приходи, особено во однос на оние девојки чии мајки биле невработени домаќинки.

5. Сметаат дека и децата треба да работат нешто

Џули Литкот-Хејмс во 2015 година во говорот за ТЕД откри дека децата чии родители им задавале некакви задачи и обврски биле поуспешни во кариерата и побрзо наоѓале работа. Оваа авторка на книга за воспитување деца смета дека на тој начин децата се навикнуваат на работа и продуктивност, а со тоа стануваат свесни дека ништо не паѓа од небо без труд.

6. Го одложуваат наградувањето

Како што во животот ништо не доаѓа тогаш кога ние посакуваме, исто се случува и со наградите. Експертите тврдат дека децата што веднаш се наградуваат за некаква позитивна активност нема да научат дека понекогаш ќе мора да бидат трпеливи и да работат подолго време за нешто да постигнат.

7. Им читаат на своите деца

Научниците од Медицинскиот универзитет во Њујорк пронајдоа врска меѓу читањето на децата додека се бебиња и побрзото учење странски јазици, пишувањето, читањето и разбирањето кога ќе пораснат. Така читањето се поврзува со подобар интелектуален развој, вокабулар, но и поуспешно решавање математички задачи и проблеми.

8. Ги охрабруваат да патуваат

Организацијата SYTA (The Student and Youth Travel Association) анкетирала 1.432 американски професори кои се изјаснувале за влијанието на зачестените патувања на учениците во странство. Тие забележале значителен пораст на преференциите на учениците да патуваат и подоцна во сопствен аранжман, пораст на толеранцијата кон различни култури, поголема желба за учење нови работи, пораст на самодовербата да комуницираат и да запознаваат нови луѓе, како и подобро изразување на идеите и емоциите.

9. Им дозволуваат да грешат

Родителите што претерано ги штитат децата од удари и паѓања можеби несвесно им го отежнуваат подоцнежниот живот кога ќе мораат да се соочат со работи врз кои нема да можат да влијаат. Детето мора да научи дека не може секогаш сè да оди по планот, дека како возрасно лице ќе мора сето тоа да го издржи на нозе – од отказ од работа до прекин на љубовна врска. Иако тие работи сами по себе се тешки, битно е да научат дека секое паѓање носи нови можности и отвора нови врати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top