Армиските специјалци се смрзнуваат во скопската касарна „Илинден“. Како што неофицијално дознава Алфа ТВ, парното не работи со денови. Касарната во Кичево, нема мазут, а војниците работат на ниски температури.
Војници во Скопје и Кичево работат без греење на минусни температури. Армиските специјалци се смрзнуваат во скопската касарна „Илинден“. Како што неофицијално дознава Алфа ТВ, парното не работи со денови, котелот бил исклучен поради ненавремена набавка на таблети кои се ставале во парните котли за да не се создаде бигор. Наводно постапка за набавка на таблети била завршена, а на војниците им било ветено дека греење ќе им биде пуштено до крајот на неделата.
Касарната во Кичево, нема мазут, а војниците работат на ниски температури. Извори за Алфа посочуваат дека парното било пуштено на минимум и не постигнувало температура. Кога ќе биде набавен мазут за војниците во Кичево нема информација. Во екот на грејната сезона, армијата во овие две касарни работи на ладно.
Од Министерството за одбрана индиректно потврдуваат дека војниците на минусни температури немаат греење.
– Во касарните во РМ со години не се вложувало ништо. Состојбите се лоши поради 10 годишното отсуство на одржување и поради застареност. МО во кус рок формираше специјална работна група за анализа на состојбите во инфраструктурата и детектираше листа на приоритетни места каде мора да се инвестира. Дополнително, при анализата на состојбите се откри дека во претходниот период не е изработено ниту едно проектно решение за најгорливите проблеми. МО постави приоритети и во буџетот за 2018 се предвидени средства за подобрување на инфраструктурата и условите во кои работат војниците. Проблемите со греењето се должат на дотраените системи и се решаваат – велат од Министерството за одбрана.
Од Oдбрана до нашата редакција испратија и три фотографии, кои не се поврзани со конкретните прашања на Алфа, ниту е прецизирано каде и кога овие фотографии се направени.
Освен греење, повеќе касарни се соочувале и со недостаток на храна. Освен риба и месо, немало набавено ниту тестенини, млечни производи, зачини, па дури ни вода за пиење за касарната во Петровец, бидејќи тамошната вода од чешмите била бактериолошки неисправна, тврдат наши извори. Од Министерството за одбрана ги демантираат информациите дека за војниците нема храна и вода. Годинава РМ, го доби највисокиот буџет за одбраната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.