| четврток, 6 декември 2018 |

Ексклузивно за „Република“: Патот на Жаре до најуспешните на Форбс

Од мало момче кое сите го препознаваат преку ликот Диме Такси,  во серијата со која растеа генерации „Големи и мали“, до еден од највлијателните луѓе во Европа под 30 години. Жаре Димитриоски, сопственик на агенцијата „Еден на еден“ и автор на истоимената емисија, ексклузивно за Република открива како Македонија за прв пат се најде на листата на Форбс

Се најде на листата на највлијателните луѓе во Европа под 30 години. Која беше првата мисла што ти падна на памет откако ја слушна веста?

Жаре: Форбс, Форбс, туку шпоретот дали го исклучи кога излезе? 🙂

Неверојатно нешто… Измешано чувство на задоволство, исполнетост, додатна мотивација, благодарност… Убаво е кога ти се цени трудот, нема што. А помислив секако и на тоа дека треба кај нас да работиме на подготвеноста и желбата да се поздрави и цени туѓиот труд бидејќи без тоа многу голем потенцијал останува неискористен и кај многу млади луѓе се убива желбата да се направи следниот чекор, кој можеби е токму тој клучниот кој ќе ја направи целата разлика.
Очекуваше ли дека со работата со маркетинг агенцијата „Еден на еден“ ќе ти се случи Форбс? 
Жаре: Многу верувам во тимот на агенцијата. Зад нас имаме голем број исклучително успешни кампањи и проекти, ниеден прекинат договор со клиент и уште многу други работи заради кои, искрено, не ме изненадуваат признанија. Но, ќе бидам искрен и кога ќе кажам дека не очекував за толку кратко време да се случат неколку меѓународни награди за кампањи, ова признание од Форбс и тоа што бев избран за „Претприемач на годината во Македонија“ минатиот декември.


Како настана „Еден на еден“ и како дојде до денешната приказна?
Жаре: Ја основавме пред 6 години како видеопродукција. Ток-шоуто кое почнавме 100% самостојно да го продуцираме заедно со неколку ТВ-реклами беа првите наши производи. Растевме сигурно и постепено, внимававме многу кого и кога го вклучуваме во тимот и полека, но сигурно стигнавме до тоа да нудиме комплетен сет услуги кои одат доста подалеку од тоа што го нуди типична маркетинг-агенција. Бројот на клиентите растеше и почна да се зголемува со странски корпорации, но секогаш внимававме на тоа да не се предимензионираме, односно што и да прифаќаме да работиме, да биде направено врвно, макар некои понуди воопшто и не се прифатат…

Лондон, пак, се случи благодарение на една темелна инспекција на Форбс врз сето она што претставува агенцијата, а богами и мојата кариера во медиумите. На моја огромна среќа им се допадна тоа што го дознаа. Според нив, бираат вкупно 300 највлијателни во 10 категории по филтрација која опфаќа дестици илјади имиња. На самата забава ни порачаа да бидеме многу горди бидејќи помали се шансите да се влезе на Under 30 листата отколку на најпрестижните факултети на Оксфорд и Стенфорд.
Кој сè се нашол на оваа листа на Форбс во минатото? 
Жаре: Навистина се премногу… Од НБА-ѕвезди како Леброн Џејмс, Стеф Кари, Кевин Дурант, Џејмс Харден, музичари како Селена Гомез, The Weekend, спортисти како Мајкл Фелпс, Енди Мареј, добитници на нобелови награди, научници… Сериозно сериозна листа на луѓе е 🙂


Со какво искуство се враќаш од Лондон, имаше ли можност да размениш идеи со лица влијателни во светскиот бизнис?
Жаре: Многу беше добро што бевме заедно со Нина. Сите ни се чудеа како од така мала земја како Македонија одбрани се не еден, туку двајца и тоа за прв пат досега. Јас во медиуми и маркетинг, а Нина во е-трговија и малопродажба. Запознавме многу интересни луѓе и остваривме првични контакти кои ќе ги шириме на повеќе настани на Under30 2018 класата на Форбс оваа година, меѓу кои и еден голем заеднички настан со одбраните од американската листа. Е тоа ќе биде многу интересно.

Колку години Жаре е во овој бизнис?

 Жаре: Самостојно со своја агенција 6 години, но доста научив и во годините додека работев во А1. Иако бев уредник на забавна редакција, имав многу голема соработка со маркетинг службата, работевме и доста кампањи кои ми беа првите што сум ги осмислил, напишал како концепт и продуцирал на крај. Кој не се сеќава на рекламата за BoomTV со Баба Ратка, нели? 🙂

Кои се плановите за во иднина?

Како и секогаш, да се работи екстремно напорно и пожртвувано, без притоа да бркамеме пари или пофалби. Заклучокот ми е дека важно е само првото, а останативе работи сами доаѓаат под услов сериозно добро да си го разбрал првиот дел.


Разговараше: К.Н.К.

Фото: приватна архива

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top