| четврток, 6 декември 2018 |

Заев го шири „пријателството“ и на исток и на север

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов денеска во Давос ја поздрави волјата на македонскиот премиер Зоран Заев со која работи за евроатлантските интеграции и го охрабри да продолжи со преговорите со Грција за изнаоѓање на конечно решение за спорот за името, пренесува „БГНЕС“.

Борисов и Заев денеска имаа средба на маргините на Светскиот економски форум.

„Дискутираме за иднината на Европа и за забрзување на развојот на Западен Балкан“, напиша Заев на својот официјален твитер-профил.


Пораката на Борисов доаѓа еден ден по средбата меѓу Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Борисов во рамките на годинешната средба на Светскиот економски форум рече дека „има една неправда, која Европа мора да ја поправи – Западен Балкан“.

– Овие земји прават се што е неопходно, и колку што имаат сили, за да одговорат на поставените барања, а ние, нивните соседи, партнери, државите од ЕУ, исто така треба да направиме се што е неопходно за да го придвижиме процесот на нивната интеграција – истакнал Борисов, стои во соопштението на бугарската влада.

Заев денеска имаше средба и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Пријателството и соработката се клучни за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Заеднички се движиме напред“, напиша Заев на „Твитер“ за средбата со Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top