| четврток, 6 декември 2018 |

„Вистината за ДУИ“: Наставници добивале плати и за „Фејсбук“, директор ги вработил снаата и братот

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, денеска во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“ обвини за злоупотреби направени од страна на претходното раководство во областа на образованието во општина Гостивар.

Тој наведе повеќе случаи на наводно нецелосно спроведување на Законот за сметководството и буџетските корисници, кој вели дека се потврдува со внатрешните ревизии во јавните училишта во Гостивар. Таравари посочи дека во Основното училиште „Лирија“ во селото Вруток биле платени сметки од вртоглав износ за мобилни телефони, а внатрешната ревизија извршена од поранешниот градоначалник од редовите на ДУИ покажала нецелосно спроведување на Законот за сметководството. Биле пронајдени исплати за договор на дело во износ од 397 илјади денари за што не постојат извештаи за лицата што биле ангажирани со работа.

Потоа, тој наведе уште еден случај во средното медицинско училиште, каде што било вработено несоодветно лице за предметот информатика, кое имало завршено бизнис.

„Ова лице било ангажирано 4 часа за ИТ-поддршка, 4 часа за екстерно тестирање, 3 часа за фотокопирање и, замислете, 2 часа за ‘Фејсбук’. Нормално, ова лице не може да се држи на работа. Во друг случај инструкторот за практична работа бил со училиште за биохемија. Додека во ОУ ‘Чајле’, за нафта за косилката биле потрошени, замислете, 600 евра“, истакна Таравари.

Градоначалникот на Гостивар исто така наведе случаи на непотизам истакнувајќи го случајот во ОУ ‘Ѓон Бузуку’ во селото Србиново, каде што едно семејство го контролирало целото училиште. Поранешниот директор ја вработил како секретарка неговата снаа, а во истото училиште биле вработени брат му и други членови од неговото семејство.

Во врска со реакциите за замена на просветните работници со нови, Таравари рече дека само 20 проценти од вработените во образованието се сменети за разлика од претходното раководство на Општината, кое во 2013 година отстранило 166 работници вработени со решенија и договори.

„Сега, од вкупно 147 вработени со договор, 117 останале на работа, а само 30 се заменети со нови. Ова значи дека 80 проценти од вработените останале исти, а само 20 отсто се заменети, и тоа главно поради тоа што не биле компетентни за предметите што ги предавале“, објасни Таравари.

Во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“, што ја почна Таравари, во континуитет се одржуваат прес-конференции на кои се обелоденуваат наводни злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top