| четврток, 6 декември 2018 |

На која држава е премиер Заев? Во Давос ниту еднаш не изговори „Македонија“ (видео)

Во својата изјава по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас, премиерот на „нашата земја“ Зоран Заев ниту еднаш не го изговори зборот „Македонија“.

Поради ваквото јавно понижување, се поставува прашањето која држава Заев ја претставува во Давос и која земја ја води откако стана премиер? Затоа што очигледно во ниту еден момент не изговори „Македонија“, како што со векови се нарекувала оваа територија.

Заев изјави дека „двете земји се на вистинскиот пат да постигнат добрососедски односи кои ќе придонесат за стабилноста и економскиот просперитет на балканскиот регион“.

-Мнозинството граѓани во двете земји сакаат да имаат блиски и пријателски односи. Сакаме да станеме еднакви партнери во ЕУ и НАТО. Покажавме во минатото дека можеме да работиме заедно за меѓусебен интерес. Ние како премиери имаме политичка визија и одговорност да работиме на надминување на долгогодишниот спор. Редно време е да се најде решение бидејќи тоа е клучно за нашите евроатлантски перспективи. Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Решението мора да биде во заштита на националниот дигнитет и идентитет на нашите народи, рече Заев.

За да покажеме дека сме посветени на наоѓање решение, рече Заев, Владата ќе го промени името на аеродромот и автопатот.

-Автопатот ќе се вика „Пријателство“. Ова сведочи за фактот дека немаме никакви територијални претензии кон нашиот сосед. Остануваме посветени на преговарачкиот процес предводен од медијаторот на ОН Метју Нимиц. Ќе го кренеме нивото на преговори на министри за надворешни работи со нивните тимови. Ова ќе дозволи поголема динамика и суштина“, изјави Заев.

Во целото видео од заедничката прес конференција кое трае 16 минути, може да се забележи дека ниту еднаш Заев не го спомна името на државата.

Ова не е прв пат Заев во јавен настап надвор од Македонија да не го споменува името на државата од која доаѓа. И во неговото интервју за грчката телевизија Алфа, Македонија се викаше „Мојата земја“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top