| четврток, 6 декември 2018 |

Презентиран новиот канал за прекугранични плаќања во евра

Во Народната банка на Република Македонија во изминатите два дена беше одржана презентација за новиот канал на прекугранични плаќања во евра пред претставници на околу 100 домашни компании кои имаат значаен обем на надворешнотрговска размена.

На презентацијата компаниите биле запознаени со придобивките од новиот канал, односно како можат да извршат поевтини, брзи и сигурни плаќања во евра, информираат од кабинетот на гувернерот на НБРМ.

Oд почетокот на 2017 година, во Народната банка започна да функционира новиот канал за прекугранични плаќања во евра, преку остварената врска на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 на Евросистемот.

„Реализацијата на овој капитален проект претставува втора генерација реформи во делот на платните системи, а значеше остварување на препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, согласно со ИПА-проектот ‘Оцена на потребите на НБРМ’, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите членки на Европската Унија. Крајната цел на овој проект е да се намалат трошоците за извршување на прекуграничните плаќања во евра и да се скуси времето на извршување на трансакциите“, соопштуваат од НБРМ.

За пошироко промовирање и користење на овој нов платежен канал, Народната банка има изработено и флаер со детални информации за начинот на кој компаниите и физичките лица можат да ги извршуваат плаќањата во евра.

Детални информации тука

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top