| четврток, 6 декември 2018 |

Србија ја враќа „Беовизија“, а Црна Гора “Монтевизија”

По пауза од девет години, Србија ја враќа одлуката за евровизиска песна и претставник во рацете на публиката, возобновувајќи го националниот избор “Беовизија”, соопштија деновиве од РТС. Настанот е предвиден да се одржи во втората половина на февруари, кога за билет за Лисабон ќе се натпреваруваат 17 изведувачи, меѓу кои и Рамбо Амадеус, кој во 2012 година ја претставуваше Црна Гора.

Од вкупно 75-те пријавени песни на конкурсот, зелено светло доби и Даниел Павловиќ за својата “Ружа судбине”, како и составот “Севдах бејби” за темата “Хајде да играмо сада”, а меѓу финалистите се и: Сашка Јанковиќ, Иван Куртиќ, Сања Илиќ и “Балканика”, Душан Свилар, Маја Николиќ…

Промена во изборот годинава прави и Црна Гора, повторно организирајќи го фестивалот “Монтевизија”, кој досега се одржал само два пати, во 2005 и во 2006 година. Во рамките на годинашното издание, на 17 февруари ќе се натпреваруваат 5 композиции, а ќе ги изведуваат: Лорена Јанковиќ, Нина Петковиќ, Вања Радовановиќ, Ивана Поповиќ Мартиновиќ и Катарина Богиќевиќ. Финалистите беа избрани од стана на стручно жири, во кое членка беше и Исмета Дервоз, која ја претставуваше Југославија во 1976 година како дел од групата “Амбасадори”, а беше и шефица на делегацијата на Босна и Херцеговина за нивното деби во 1993 година.

Инаку, Македонија во последен момент успеа да обезбеди учество за годинешното издание на фестивалот, а на 29 февруари ќе се знае во која полуфинална вечер ќе настапуваме, а влечењето ждрепка ќе биде пренесувано во живо на Јутјуб со почеток од 13 часот. 63. издание на “Евровизија” ќе се одржи во Лисабон, а трите фестивалски вечери се закажани за 8, 10 и 12 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top