| четврток, 6 декември 2018 |

Бoшњаковски: Средбата во Давос исчекор кон решение за спорот за името

Средбата во Давос на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, е исчекор напред кон решение за спорот за името, изјави на денешната прес-конференција во Владата владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Одговарајќи на новинарско прашање потсети дека премиерот Заев неколкупати досега истакна оти е оптимист дека двете земји ќе успеат да најдат решение за спорот кое ќе биде достоинствено и за двете страни.

– Самата средба претставува исчекор напред кон решение. Владата веќе го започна процесот на анализа и на координација околу најновата рамка на медијаторот Метју Нимиц. Очекуваме да изградиме широк национален консензус, рече портпаролот Бошњаковски.

Тој посочи дека Кабинетот на министерот за надворешни работи Димиторв е во координација со Кабинетот на претседателот Иванов за организација на средба за рамката на која ќе бидат присутни повеќе политички субјекти. Датумот за средбата во моментов се уште не е прецизиран, но, вели, ќе се случи наскоро.

– Во принцип сите овие елементи што ги наведов сметаме дека водат кон позитивна насока и дека и во Атина и во Република Македонија има политичка волја ова прашање да се затвори, рече Бошњаковски и најави дека Владата ќе излезе со информации по средбата. Во однос на посетата на медијаторот Нимиц, рече дека во текот на денот ќе биде познат датумот кога таа ќе се оствари. Тој посочи дека во моментов нема да влегува во специфични аспекти околу преговорите заради заштита на преговорите, и упати апел до медиумите да продолжат професионално да информираат за процесот со цел, како што рече, да се избегнат какви било шпекулации кои би можеле да му наштетат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top