| четврток, 6 декември 2018 |

Гордана Стојаноска за поемата „Клучевите“ ја доби наградата „Григор Прличев“

Автор на поемата „Клучевите“, која е наградена со признанието „Григор Прличев“ е Гордана Стојаноска. Стојаноска е родена на 14.05.1969 година во Битола. Дипломирала на насоката за наставник за одделенска настава на Педагошки факултет – Битола, на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Магистрирала на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје во 2008 година. Докторирала на истата институција во 2012 година. Работи како доцент на Педагошки факултет – Битола, на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, на група социолошки предмети.

-Поемата „Клучевите“ е напишана во август 2012 година. Брои 1578 стихови преку кои потрагата по оние цврсти, стамени и безвременски вредности се материјализира во дијалог помеѓу авторот и светлиот водач и заштитник кој го персонифицира единството на внатрешното битие и доблесните луѓе кои оставиле трага во историјата на човештвото и мојот личен живот, вели авторката.

Во потрагата по зрнце надеж, по ѕвезда на мрачното небо, поемата ги допира врвните вредности како што се потрагата по вистината, копнежот по слободата, желбата за совршенството, храброста, цврстата вера во иднината, мудроста и љубовта како највозвишеното човеково чувство кое го издига и едначи со божественоста.

Поемата ја карактеризира длабока верба во светлиот еволуциски код и ѕвездената плот на човековото суштество кој секогаш е спремен да влезе во битка со својата мрачна половина и да ја победи, донесувајќи го Човекот во светлиот круг на Диогеновата свеќа.

Д-р Гордана Стојаноска е автор на две поетски книги: „Збор за зборот“ во коавторство со Златко Жоглев и Даниела Андоновска – Трајковска издадена во 2014 година и „Поема за маргините“ во коавторство со Даниела Андоновска – Трајковска издадена во 2015 година.

Автор е на над 50 колумни објавени во неделниот весник ЕГО, автор е на повеќе рецензии на поетски и прозни книги.

Добитник е на светската награда Nosside XXVIIth World Poetry Prize 2011Калабрија, Италија, добитник е на наградата „Владимир Костов“ за краток расказ 2014 (Универзитет „Св.Климент Охридски),а учесник и организатор е на повеќе културно – уметнички настани во склоп на Универзитетскиот литературен клуб „Дениција“.

Наградата за најдобра поема на авторката Стојаноска ќе и биде врачена на 5 февруари на „Прличевите беседи“ во Охрид кога поемата и сценски ќе биде изведена.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top