| четврток, 6 декември 2018 |

Елон Маск ќе добие плата доколку ги исполни следниве услови

Милијардерот Елон Маск нема да добие плата, ниту бонуси од компанијата „Тесла“, туку сите негови компензации како извршен директор ќе бидат врзани за посебни достигнувања, како во работата, така и на берзата.

„Тесла“, исто така, стави крај на шпекулациите дека Маск ќе се повлече во скоро време, додавајќи дека овие амбициозни планови го обврзуваат да остане извршен директор, како и на сите други функции во компанијата.

„Ова гарантира дека Елон ќе продолжи да го води менаџментот на ‘Тесла‘ уште долго време и овозможува да се ангажира уште еден извршен директор, кој ќе му одговара на Маск во иднина“, се вели во соопштението на компанијата, не прецизирајќи кога ќе се случи тоа.

Ако „Tesla“ ги оствари повеќето од зацртаните цели, за кои многумина сметаат дека се нереални, Маск би можел да има дури 55 милијарди долари во акции, објави „Њујорк тајмс“.

Пазарната вредност на „Tesla“ сега е под 60 милијарди долари, а целта е за 10 години да вреди 650 милијарди долари со приход од 175 милијарди долари гоишно, што за многумина е нереално со оглед на тоа дека толку сега вредат најголемите американски компании.

Новиот договор е сличен со претходниот петгодишен план од 2012 година кога „Tesla“ од компанија вредна 3 милијарди долари и со испорака од околу 1.000 возила годишно стана највредниот американски автопроизводител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top