Светскиот економски форум во Давос, кој почнува утре и ќе трае до 26 јануари, и оваа година ќе собере светски лидери, политичка и економска елита, а првпат по речиси две децении ќе присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Форумот, кој ги привлекува најистакнатите претставници на финансиските кругови е можност за светските лидери да воспостават комуникации со бизнис елитата и досега се соопштува бројка од околу 350 политички лидери, стотици директори на компании и претставници на граѓанското општество.
Во швајцарскиот град ќе се соберат експерти од областа на политиката, економијата, медиумите, а организаторите порачуваат дека светот драстично се променил во изминатите години. Во поканата се наведува дека на повеќе фронтови се појавиле геостратешки поделби, и оти имаат далекусежни политички, економски и општествени последици. Реалполитиката, додаваат организаторите, повеќе не е само остаток од Студената војна, а економскиот просперитет и социјалната кохезија повеќе не се исти.
– Политички, новите и поделени наративи ја трансформираат власта. Економски, се формулираат политики со цел зачувување на предноста на глобалната интеграција, при што се ограничуваат заедничките обврски како што се одржливиот развој, инклузивниот раст и управувањето со четвртата индустриска револуција. Социјално, граѓаните сакаат одговорни влади. А општествениот договор меѓу државите и нивните граѓани се повеќе продолжува да еродира, се наведува во поканата на организацијата.
Кој се ќе дојде во Давос
Главната вест е дека годинава во Давос ќе се појави и американскиот претседател Доналд Трамп. Од Белата куќа порачаа дека Трамп ќе ја искористи можноста во Давос да зборува за својата агенда „Америка пред се“, за која критичарите велат дека претставува повлекување од глобалното раководење засновано врз демократски принципи.
Организаторите на Светскиот економски форум соопштија дека учеството на Трамп на годинешната конференција на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос ќе им овозможи на учесниците да добијат директен увид во политичките и економските приоритети на САД.
– Се очекува да дојде и американскиот министер за финансии Стивен Менучин, министерот за трговија Вилбур Рос и трговскиот претставник на САД Роберт Лајтхајзер, информира портпаролката на СЕФ, Фон Матурос.
Соопштението на СЕФ следуваше откако Белата куќа го потврди учеството на Трамп на форумот, на кој ќе се соберат околу 350 политички лидери, стотици директори на компании и претставници на цивилното општество.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ истакна дека Трамп ќе биде првиот американски претседател по Бил Клинтон кој ќе им се обрати на учесниците на форумот, а локалните медиуми потсетувааат дека американските претседатели ретко доаѓале на овој собир и оти САД минатата година ги претставувал тогашниот потпретседател Џо Бајден.
Индискиот премиер Нарендра Моди оваа година ќе биде главен говорник, што е првпат еден индиски премиер да престојува во Давос од 1997 година.
Се очекува да дојдат и францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка Тереза Меј.
Се разбира, како и секоја година во Давос ќе бидат присутни шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, директорот на Ај-Би-Ем (IBM) Џини Ромети, норвешкиот премиер Ерна Солберг, Џорџ Сорос, јорданската кралица Ранија …
Своето учество на годинешниот самит го потврдија и кинескиот претседател Си Џинпинг, поранешниот британски премиер Гордон Браун, канадскиот премиер Џастин Трудо и шефот на израелската Влада Бенјамин Нетанјаху.
На Економскиот форум во Давос ќе присуствува и Шерил Сендберг од компанијата „Фејсбук“, коосновачот на „Гугл“ Сергеј Брин и Антони Скарамучи, кој кусо време беше директор за комуникации во Белата куќа на Трамп.
Кејт Бланшет и Елтон Џон добитници на Кристалната награда
Актерката Кејт Бланшет, пејачот Елтон Џон и актерот Ша Рук Кан се добитници на 24. Годишни Кристални награди кои ќе им бидат доделени вечерта пред почетокот на Самитот во Давос. Наградата се доделува за посебни достигнувања на водечки уметници кои животот го посветуваат на „градење мостови“ и претставуваат пример.
Оваа година на актерката Кејт Бланшет ќе и биде доделена наградата за придонес во подигнувањето на свеста за мигранстката криза, додека на Елтон Џон наградата ќе му биде доделена за лидерската улога која ја презема во борбата против ХИВ и СИДА.
На актерот Кан наградата ќе му биде доделена за неговите залагања за поголеми права на жените и децата во Индија.
Историја на Форумот
Светскиот економски форум е меѓународна непрофитна фондација, со седиште во Швајцарија, која секоја година го одржува познатиот самит во градот Давос.
Фондацијата во 1971 година ја основал Клаус Шваб, германски професор по економија на Универзитетот во Женева. Првобитното име на фондацијата било Европски менаџмент форум. Темата на првиот собир била како да се усвои американскиот начин на управување. Две години подоцна, конференцијата го проширила фокусот на глобалната економија и општествени теми и од тогаш ова место на Алпите ја собира светската политичка и бизнис елита.
Во 1987 година Фондацијата била наречена Светски економски форум, а во 2015 година, таа била призната како меѓународна организација за јавно-приватна соработка.
Мисијата на Светскиот економски форум е „посветеност кон подобрување на состојбите во светот преку ангажман на бизнис, политичките, академските и други лидери во општеството за обликување на глобалните, регионалните и индустриските агенди“.
Светскиот економски форум покрај седиштето во Швајцарија, има и четири канцеларии во Њујорк, Пекинг, Токио и Сан Франциско. Канцеларијата во Сан Франциско била отворена во 2016 година, со цел да ги опфати прашањата поврзани со т.н. четврта индустриска револуција.
Со фондацијата управува Одбор составен од истакнати светски претставници од бизнисот, политиката, академскиот свет и граѓанското општество. Притоа, членовите на Одборот не ги застапуваат личните интереси, туку се грижат за мисијата и вредностите на фондацијата. Светскиот економски форум има 1.000 членки, а тоа се големите светски компании со годишен промет од над пет милијарди долари. Принципот на членство бил воведен во 1976 година. Фондацијата се финансира од своите членки, а годишната членарина е поставена скалесто според степенот на активност на членките. На пример, членките кои имаат статус „стратешки партнер“ плаќаат членарина од 600.000 швајцарски франци.
Светскиот економски форум организира бројни средби на кои учествуваат директори на големи светски компании, амбасадори, претседатели и премиери на држави, новинари, универзитетски професори… Во исто време, фондацијата организира бројни иницијативи од областа на здравјето, образованието, борбата против корупцијата, заштитата на животната средина…. Во 2017 година почна Коалицијата за иновации за подготвеност во однос на епидемии, која со финансиска поддршка од околу половина милијарда долари (обезбедени од владите на Германија, Јапонија и Норвешка, како и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс) има за цел да обезбеди вакцини за борба против глобалните епидемии. Исто така, Форумот издава и разни извештаи, како: Извештајот за глобалната конкурентност, извештаите за глобалниот туризам, за глобалните ризици, за глобалниот јаз меѓу родовите итн.
Најпозната активност на Форумот се средбите што ги организира, а тоа вообичаено се шест до осум средби годишно, кои се одржуваат на различни континенти. Сепак, најпознат е Самитот во Давос на кој може да се учествува само со посебна покана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст