| четврток, 6 декември 2018 |

МНР го осуди палењето на македонското знаме во Солун

Македонското Министерство за надворешни работи реагираше на инцидентот што се случи за време на вчерашниот протест во Солун кога беше запалено македонското знаме.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека целиот регион и нашите две земји се на вистинскиот пат на доброседство кој ќе резултира со исполнување на евроатланските интеграции на нашата земја, како и стабилност и економски развој на целиот регион.

За жал, сѐ уште се случуваат изолирани инциденти како денешниот во Солун, предизвикани од поединци и групи кои сѐ уште живеат во минатото и во политиките на конфронтација и национална изолираност, чии активности ги осудуваме како политики на омраза и нетрпение.

Мнозинството граѓани сакаат да развиваат блиски и пријателски односи со што придонесуваат кон унапредување на соработката и перспективите меѓу двете земји“, пишува во соопштението од МНР.

Во него се додава дека Владата на Република Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција со цел достоинствено да придонесеме кон решенија на отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top