| четврток, 6 декември 2018 |

Полицијата ќе конфискува облека и накит ако некој изгледа сиромашно за да ги поседува

Полицијата во холандскиот град Ротердам започна нова пилот програма, со која властие ќе можат да конфискуваат скапа облека и накит од млади луѓе, доколку тие изгледаат премногу сиромашни за да ги поседуваат, соопшти британскиот весник „Индепендет“.

Службениците за спроведување на законот објаснуваат дека нивните постапки ќе бидат насочени главно кон помладите мажи облечени во дизајнерска облека што веројатно не можат да си ја дозволат. Доколку лицето не може да објасни како ја исплатило, тогаш неговата облека ќе биде конфискувана.

Идејата на програмата е да се спречи криминалот преку испраќање на јасен сигнал до оние кои нечесно го заработиле својот профит.

Началникот на полицијата во Ротердам, Франк Паув изјави за локален весник дека во моментов полицајците често имаат ситуации во кои конфискуваат часовници од марката „Ролекс“, но облека – ретко.

„Некои млади веќе имаат јакни од 1800 евра. Тие немаат никаков приход, па прашањето е како ги добиле“, нагласува Паув.

Според него, во Холандија живеат голем број млади луѓе кои немаат приходи и веќе се во долгови, но и покрај тоа носат скапа облека што праќа погрешен сигнал за граѓаните.

Програмата е слична со претходна иницијатива на полицијата во Холандија која вршеше проверка на луксузни автомобили поради наводно незаконско стекнување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top