| четврток, 6 декември 2018 |

Борко распали по Червар: Лино е тренер без амбиција, главна цел му се себепромоцијата и парите

Голманот на ракометната репрезентација на Македонија, Борко Ристовски, е интересен за хрватските новинари по неговата остра изјава за селекторот на „коцкестите“ Лино Червар, па од весникот „24 сата“ му направиле опширно интервју во кое тој повторно вербално го изрешета поранешниот предводник на нашата селекција.

– Червар е емотивно исцрпен и нестабилен човек, кој снима смешни реклами. Тој е повеќе политичар отколку спортист, кој ги опчинува масите со големи зборови наместо дела. Долго време живее во минатото и не го следи модерниот ракомет и тоа е главниот проблем на Хрватска на ова ЕП. Па човекот на располагање има една од најдобрите репрезентации, со куп врвни играчи, услови какви што нема никој и сјајна поддршка од трибините, а прашање е дали воопшто ќе стигне до полуфиналето. Тоа што Червар го играше досега е далеку од вистинскиот ракомет, вели Ристовски.

Борко со искусниот тренер кусо соработуваше во Металург, а не беше во негова милост додека беше селектор на Македонија.

– Брзo сфатив дека Лино е тренер кој воопшто нема спортски амбиции и дека негова главна цел е себепромоцијата и парите. Зошто никој не се запраша како тоа Червар не замина да работи во некој голем клуб туку работи во Македонија за големи пари без притисок. Знаете колкава е разликата помеѓу него и сегашниот наш селектор Раул – огромна. Со Лино на минатото СП бевме 15-ти, а сега ја минавме првата фаза со големи шанси за полуфинале, дополни Ристовски.

Македонскиот чувар на мрежата смета дека Хрватска играла подобро и помодерно со Славко Голужа.

– Хрватска на секоја позиција е максимално добро покриена со врвни ракометари кои играат во големи клубови. Не е на мене да зборам кој би бил подобар од Лино, но можам да кажам дека според мене Хрватска играше многу подобро под палката на Славко Голужа, дополни Борко.

Целото интервју на Ристовски за „24 сата“ може да го прочитате тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top