| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Да не се носат избрзани одлуки

Како претседател на Република Македонија, како и до сега, ќе продолжам да соработувам со Владата и ќе ги поддржувам суштинските европски реформи кои ќе произлезат од отворена и вистинска јавна дебата и околу кои ќе се постигне широк консензус, порача претседателот Ѓорге Иванов, на вечерашниот прием за членовите на дипломатскиот кор, што се одржува во Гевгелија, по повод новогодишните и божиќните празници.

Според Иванов, статус кво состојбата во интеграциите резултиралa со стагнација во реформите и ерозија на културата на политички дијалог во Македонија и, како што рече, оставени сами на себе, изгубивме многу години во политички кризи.

– За да се надомести изгубеното време, сега со забрзано темпо се подготвуваат неопходните реформи. Но, поради недостаток на време и волја, се нудат фалични решенија за правосудниот систем и системот за национална безбедност. Во брзањето се носат и решенија кои се контрапродуктивни и кои наместо соживот носат поделби. Вчера донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на репресивниот и противуставен Закон за употреба на јазиците, изгласан без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Очекувам Владата наместо на квантитетот да се фокусира на квалитетот на европските реформите. Одмаздата не е патот до помирувањето, рече претседателот Иванов.

Тој оцени дека има забрзана динамика и во однос на прашањето за името со соседна Грција, но, како што рече, треба да се внимава брзајќи да не излетаме од патот трасиран со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. – Само ако ги следиме тие насоки ќе стигнеме до трајно и одржливо решение, рече претседателот Иванов.

Членството на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, според Иванов, позитивно ќе влијаат на регионалната стабилност, но и внатрешна сплотеност.

– Ова е можност за надминување на поделбите и вложување на целата наша енергија во спроведување на европските реформи за да изградиме функционални институции, да обезбедиме независно судство и владеење на правото, за доброто на нашите граѓани. Тоа е задача и за власта и за опозицијата, и за институциите и за граѓаните. И од таа задача не може да има отстапување, рече Иванов.

Оцени дека почитувањето на меѓународното право е исклучок наместо правило, а принципите на Европската Унија и НАТО се поткопани поради двојните стандарди. Сево ова, според него, придонесе и минатата 2017 година да биде исполнета со бројни политички и економски предизвици и безбедносни ризици и закани.
– На Блискиот Исток ИСИС ја губи територијата. Воениот пораз, за жал, нема да значи и конечен пораз на радикалната идеологија која е закана за слободните и демократски европски општества. Затоа, неопходно е да ја зајакнеме безбедносната соработка и координација. Позитивен пример за ваква соработка имаме и недалеку од тука. На само неколку километри јужно од Гевгелија, македонската армија и полиција заедно со полициските службеници од партнерските европски земји ја чуваат Европа од заканата од илегалната миграција, рече Иванов.

Во вакви услови, додаде, европскиот континент се движи меѓу обединување и фрагментација, а мултилатералната соработка им отстапува место на билатералните договори како инструмент за промовирање на интересите.

– На Балканот, пак, популизмот и мешањето во внатрешните работи на државите ги подрива напорите за градење добрососедски односи. Ние, во Република Македонија ги чувствуваме последиците од ваквите состојби. Решението за прашањето за името стана заложник на бирократиите на НАТО и Европската Унија кои ја игнорираат пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече Иванов.

Според македонскиот претседател, 2018та, освен на предизвици, е и година на можности.

– Охрабрува тоа што Балканот е повторно во фокусот на Европската Унија. Преку својата нова стратегија за проширувањето, Европската комисија може да понуди нова надеж за регионот. Бугарското и австриското претседавање со Унијата може да ја забрза интеграција на регионот. Македонија, пак, ќе биде домаќин на Самитот на Процесот Брдо Бриони каде, покрај инфраструктурното и безбедносното поврзување, земјите од регионот ќе ги усогласат ставовите и за стратегијата за проширувањето, рече претседателот.

Смета дека 2018 година е и можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт и да и го даде заслуженото членство на Република Македонија. – Тоа, посочи, е членство што го заслуживме не само со макотрпните реформи, туку и со суштинскиот придонес кон регионалната и глобалната безбедност преку бројните мировни мисии. Како одговорна членка на меѓународната заедница, подготвени сме да станеме 30-та членка на Алијансата и да ја оствариме целта што си ја поставивме. Ваквата констелација на настаните остава простор за внимателен оптимизам за европската и евроатлантската интеграција на Македонија“, рече претседателот Иванов.

На дипломатскиот прием, кој традиционално го приредува претседателот на Република Македонија по повод новогодишните и божиќните празници, се обрати рускиот амбасадор Олег Шчербак.

– Пред неколку недели срдечно ја дочекавме новата 2018-та година со надежи за подобрување. Сепак, корисно е да се има на ум дека според древната кинеска астрологија, која денес е многу популарна на глобално ниво, оваа година е именувана како година на Кучето. Овој животински зодијак ја симболизира лојалноста, правдата и еднаквоста, но истовремено бара од човекот балансирано и одговорно однесување. Претпоставувам дека тоа е добра порака до сите, особено до дипломатите и политичарите, кои имаат посебна одговорност за зајакнување на меѓународниот и регионалниот мир и безбедност, промовирајќи соработка и меѓусебно разбирање меѓу земјите и нациите, порача амбасадорот Шчербак.

Во рамки на дипломатскиот прием, што според воспоставената практика се одржува надвор од главниот град, претседателот Иванов и претставниците на дипломатскиот кор утре, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во Нов Дојран ќе присуствуваат на црковниот чин – осветување на водите на Дојранското езеро и положување на Светиот крст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top