| четврток, 6 декември 2018 |

Повторената судска постапка за „Монструм“ започнува на 12 февруари

За 12 февруари Основниот суд го закажа судењето за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро. Судењето стартува од почеток, а ќе го суди судијата Огнен Ставрев. Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда и предметот го врати од почеток.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се обвинети за петкратното убиство кое на на 12 април 2012 година, Велики четврток, се случи кај Смиљковското Езеро.

Полицијата ја спроведе акцијата под кодното име „Монструм” во мај, 2012. Седумтемина обвинети се товарат за тероризам. Според обвинителството мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

Со првостепената одлука која ја укина Врховниот суд, шестмина добија доживотен затвор, а Сејди Рами беше ослободен од обвинение.

По обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се сторители на делото, полицијата распиша потерница. Тие на Косово беа осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја одлежаа казната, излегоа на слобода, но икогаш не беа екстрадирани и сè уште се водат како недостапни на органите на прогонот. Нивните имиња пет години се наоѓаат на листата на потраги на официјалната веб-страница на МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top