| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг ги поздрави двојазичноста и договорот со Бугарија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбег е во прва посета на Република Македонија. По средбите со државниот врв, тој се обрати во Собранието, а на седницата присуствуваа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја бојкотираат работата на законодавниот дом.

Во обраќањето Столтенберг истакна дека очекува по знамето на Црна Гора пред зградата на седиштето на НАТО да се развиори и македонското знаме.

Столтенберг ѝ се заблагодари на „оваа“ земја за учеството во мисиите на НАТО. Тој искажа надеж дека „оваа земја“ ќе стане дел од, „најуспешниот воен сојуз во светот“.

Има уште место пред седиштето на НАТО за знамиња. Минатата година Црна Гора стана 29 членка и тие сега се рамноправен член на Алијансата. Ние сакаме да бидете дел од нашето семејство, но има уште работа. Тука пред сѐ, мислам на решение на проблемот со вашето уставно име, со Република Грција – рече генералниот секретар на НАТО.

Тој рече дека во изминатите години Македонија покажала посветеност кон НАТО интеграциите. Но, дека неопходно е решавање на спорот со името.

Усвојувањето на Законот за јазици беше важен чекор. Го нотираме напредокот за транспарентност и одговорност. Судските реформи мора да продолжат. Се надеваме дека ќе видиме напредок во реформите за изборите, медиумите. Сите имате одговорност. Не само да носите закони, туку и да бидете слободна и демократска земја, каде се почитува правото. Тука, голема улога има и опозицијата. Ние ја препознаваме и суштинската улога на граѓанското општество. Добро е да покажете добри односи со соседите. Ви честитам на ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија. Од суштинско значење на НАТО е да видиме како инвестирате во вашата одбрана. Ние сме воена алијанса, да си помогнеме во одбраната. Со начелото еден за сите-сите за еден. Сакаме да ја видиме вашата земја како се движи кон овие цели – рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО не е само воена алијанса, туку е и вредносна алијанса и токму затоа ги поздравува законот за двојазичност и договорот со Бугарија кои според него биле реформски.

-Вратата на НАТО е отворена за нови членови. Но, преминувањето на прагот подразбира сериозна работа и реформи. Ќе ве поддржиме, ние ќе продолжиме да ве подржуваме. Знаеме дека постојат предизвици, но сакаме да помогнеме. Пред девет месеци, бевте на работ на бездната. Сега сте држава на реална можност. Денес вратат е отворена кон реформи, кон подобри односи со соседите и кон НАТО – рече генералниот секретар на НАТО.

Но, постои уште многу што треба да се направи. Вие ги имате алатките и визијата, во НАТО имате вистински пријател – рече Стонтелберг.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top