Охрид ги привршува подготовките за најмасовната верска манифестација во земјата – традиционалното фрлање на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление – Водици.
Осветувањето на езерските води и фрлањето на светиот крст ќе биде во 10 часот кај Градското пристаниште. На фрлањето на крстот ќе му претходат утрински богослужби од часот, а од 8:30 започнува свечената литургија во сите парохиски цркви, по што литиите поаѓаат кон пристаништето во Охрид.
Илија Ристески од МПЦ појасни дека пријавувањето за фаќањето на крстот ќе започне од 15 јануари во црквите Света Богородица – Каменско, Свети Ѓорѓи, Св.Никола во Долна Влашка маала и Св.Никола-Геракомија, а секој од оние што ќе влезат во водите на Охридското Езеро добива и маица како подарок од Дебарско – кичевската епархија и Локалната самоуправа. Тој додаде дека на самиот ден Богојавление и оваа година точно на пладне на Сараиште де се одржи и масовно крштевање во осветените езерски води.
Љупчо Грданоски, претседател на општинското Кординативно тело за организација на празникот „Водици“ рече дека во тек се финалните подготовки за празникот, украсувањето на централното градско подрачје, уредување и расчистување на просторот, како и чистење на езерското дно каде ќе влегуваат верниците во водата.
– Се надеваме дека и оваа година ќе имаме масовна посетеност, а ние како организациски одбор ќе сториме се за целата манифестција да мине во најдобар ред, рече тој.
Прославувањето на Водици во Охрид продолжува и на 20 јануари со Денот на рибарите поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител. Тој настан ќе биде проследен со богата забавна програма, приготвување на рибна чорба, како и пача, греана ракија, вино, плашици за сите гости. Станува збор за уникатна манифестација – традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест.
Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.