| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг пристигна во Скопје со истата порака – името, па НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг синоќа пристигна во Скопје, а на аеродром го пречека министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Потоа со премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска и Бујар Османи и со Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО, сите заедно имаа неофицијална вечера во ресторан на периферијата на Скопје.

Од таа прилика на својот твитер-профил премиерот Зоран Заев објави фотографија.

„Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбергер пристигна во Скопје. Ова е прва посета на Столтенберг во Република Македонија, која покажува дека НАТО е присутен на Балканот и стратешки заинтересиран за Република Македонија. Реформските заложби на оваа Влада ја отсликуваат јасната ориентација на нашата земја за членство во НАТО и ЕУ“, напиша премиерот Заев на својата фејсбук страница.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа имаше работна вечера со премиерот Зоран Заев и други владини претставници со што ја започна неговата дводневна посета на Република Македонија. Како што објави Алијансата на својата веб-страница, Столтенберг заблагодарувајќи се на гостопримството, нагласи дека ова е негова прва посета на Македонија како генерален секретар на НАТО. Се очекува денеска генералниот секретар на Алијансата да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, и со лидери на други политички партии.

Столтенберг напладне ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија. Во рамките на посетата, како што информираа од Владата, предвидена е заедничка прес-конференција на Столтенберг со премиерот Заев во прес-центарот на Владата.

По подолга пауза во Собранието за оваа прилика ќе се вратат и пратениците на опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ кои со овој чин сакаат да ја покажат својата определеност за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Пред неговото доаѓање во Скопје, државната агенција МИА објави интервју со Столтенберг во кое тој рече дека „НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја членка, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН“.

Столтенберг: Добредојдени сте во НАТО, но името мора да се реши

Вчера по разговорите во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц изјави дека е на повидок решение за името и дека на преговарачите на Грција и на Македонија им дал нов сет предлози. За разлика од него, амбасадорот Васко Наумовски, македонскиот преговарач за спорот што Грција го има со нашето уставно име, изјави дека предлозите се далеку од достоинствени.

Наумовски: Предлозите на Нимиц далеку од достоинствено решение

На ова веднаш реагираше и Владата на Република Македонија која соопшти дека „по внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија”.

Влада: Исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни

Средбата со премиерот Заев со Столтенберг е закажана за 15 часот со официјална церемонија на платото пред Владата, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на почесната воена гардиска единица.

Потоа Заев и Столтенберг ќе одржат и конференција за медиумите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top