Репрезентацијата на Хрватска вчера беше поразена од Шведска со 35-31 во рамки на 3.коло од Групата A на Европското ракометно првенство, но домаќинот на турнирот треба да биде и среќен со конечниот резултат, бидејќи во еден момент од натпреварот губеше и со девет голови разлика.
Критиките пристигнуваат од сите страни, а можеби најмногу на удар се хрватските голмани, кои засега се најслабите на Европското првенство. Значи тие не се најслабиот дел само во својата репрезентација, туку и на целото натпреварување.
Селекторот Лино Червар се обиде да го освежи тимот сo Иван Пешиќ на местото на Мирко Алиловиќ, но и чуварот на мрежата на Брест Мешков не се прослави синоќа. Иван Стевановиќ, Иван Пешиќ и Мирко Алиловиќ имаат вкупно 21 одбрана од три натпревари на турнирот. Со само 21 отсто одбранети удари, Хрватите ги имаат најслабите голмани.
Интересно е тоа што македонските чувари на мрежата Борко Ристовски и Никола Митревски имаат исто така 21 одбрана, но од два натпревари. Нашите голмани имаат 29 отсто одбранети удари.
Митревски собра 12 одбрани, Ристовски девет. Се надеваме дека денеска против Германија ќе успеат да соберат уште многу одбрани и со тоа да го подобрат својот ефект, но и да и помогнат на Македонија да дојде до позитивен резултат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.