| четврток, 6 декември 2018 |

Одлуките за финансирање поништени: Дарио, Принц, Ѓорѓи Крстевски нема да добијат субвенции

Министерството за култура и Македонската радио телевизија се договориле да се поништат одлуките кои јавниот сервис ги донесе претходно за финансиска поддршка на македонската музичка продукција. Одлуката била донесена вчера на состанок меѓу претставници од Министерството и МРТ.

-На состанокот заеднички беше констатирано дека актуелниот Законот за поддршка на домашната музичка продукција е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен. Исто така, констатирано е дека Македонската радио телевизија, по спроведениот надзор и по насоките дадени од страна на Министерството за култура ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од 2017 година, стои во заедничкото соопштение.

Преставниците на Министерството за култура и МРТ, велат од таму, се договориле во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција.

Според претходно донесените одлуки на МРТ на фолк-интерпретаторот Али Бајрам и на поп-изведувачите Авни Аљији и Дарио Панковски државата ќе требаше да им исплати по 9.000 евра за две песни. Сите тројца се рангирани во категоријата „ѕвезди“ каде финансиската поддршка е најголема и изнесува 4.500 евра за еден рефрен (3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот).

Како „врвен изведувач“ овојпат доминираше Александар Ристовски-Принц кој за три нови нумери требаше да 9.000 евра. Поп-пејачот Ѓорѓи Крстевски беше рангиран како изведувач на народна музика. По 3.000 евра требаше да добијат Ристо Самарџиев, Кристијан Габроски и Бајрамаљи Идризи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top