| четврток, 6 декември 2018 |

Во следните седум дена Законот за двојазичност е во рацете на Иванов

Законот за употреба на јазиците во следните седум дена е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да го потпише указот за негово прогласување за да може законот да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила.

Надлежностите на претседателот на државата и роковите за попишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание.

Ако Претседателот на Републиката не го потпише указот за прогласување на законот во тој случај, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Како што кажа Иванов во новогодишното обраќање, со овој закон, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ.

– Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува. Ќе потсетам дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите – изјави Иванов во новогодишниот говор во Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top