| четврток, 6 декември 2018 |

Ристо Бомбата доби државни субвенции за 11 песни вредни 36.000 евра

Композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски- Принц за три од Македонската радио телевизија, која е носител на конкурсите за финансирање македонска музика. На последниот конкурс кој заврши на 29 декември, потрошени се вкупно 102.000 евра за вкупно 38 песни.

Габроски е автор на композиции што вкупно добиле 36.000 евра. Тој е автор и на една од двете наградени песни во категоријата „Композиции со кои се афирмираат семејните вреднисти во општеството или многудетните семејства“.

МРТВ ја објави одлуката за избор на изведувачи односно на нови композиции, за која одлучило жирито во состав Константин Карев (претседател), Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. Конкурсот беше објавен на 30 јуни 2017, а одлуката е донесена на 5 јануари. МРТВ ја објави и одлуката за неприфатените песни, а Габроски и Крстевски се и меѓу авторите на кои им се одбиени и најмногу песни.

 

Габроски стои како автор на музика, текст и аранжман на песни во повеќе категории како „афирмиран изведувач“ и во забавна и во народна музика, „истакнат изведувач“ во народна музика и во забавна музика, „врвен изведувач“ во забавна музика, категорија ѕвезди во забавна музика, категорија композиции со кои се афирмира историјата на Македонија и категорија композиции со кои се афирмират семејните вредности во општетството или многудетните семејства.

За песните се даваат по 3.000 евра, 400 евра за детските, а во категорија ѕвезди 4.500 евра – 3.000 евра за аудиоснимање на песната и 1.500 евра за спот.

Габроски нема добиено пари за песна само во три категории, за детски композиции, „таленти“ и композиции со кои се афирмира историјата на Македонија. Габроски е наведен како автор на аранжманот и продуцент на аудио и видео записите на двете песни на Дарио Панковски, за кои пејачот во категоријата „ѕвезди“ од забавна музика ќе добие 9.000 евра.

Али Бајрам како изведувач на две композиции од народна музика во „ѕвезди“ ќе добие 9.000 евра, а исто колку и Авни Аљији во забавна музика.

Александар Ристевски- Принц, ќе добие пари за три композиции како „врвен изведувач“, што е и максимумот според Законот, каде стои дека еден ист пејач за една година може да добие пари за најмногу за три песни, а во категоријата „ѕвезди“ за најмногу две песни.

Меѓу останатите изведувачи и автори кои се поддржани се наведени и Филип Пешевски, Валентино Стојановски, Мухамедали Амети, Анета Цветковска- Малинкова, Анета Василева, Христијан Димитриевски, Ирена Спасовска, Јовица Мицевски, Горан Наумовски, Иле Спасев, Милена Јованоска, Ристо Самарџиев , Бајрамаљи Идризи, Ана Пандевска, Ангелина Мицковска, Александар Мицковски и Блаже Алексовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top