| четврток, 6 декември 2018 |

Светски медиуми: Македонија добива втор официјален јазик

Лавина реакции откако се изгласа законот за употреба на јазиците. Албанскиот премиер Еди Рама речиси веднаш по гласањето на својот фејсбук статус објави дека ова е историско достигнување за Албанците.

– Изгласувањето на законот за албански јазик од парламентот во Скопје е историско достигнување за Албанците што ја демократизира и ја зајакнува самата Македонија – напиша Еди Рама во својот фејсбук статус.

И албанскиот претседател Илир Мета кој е во посета на Љубљана, го поздрави донесувањето на законот оцнувајќи го како, значаен акт не само за Албанците, туку и за европската иднина на Македонија.

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша поздравувајќи го усвојувањето на законот со кој „албанскиот јазик станува службен јазик“ се заблагодарува на македонските партии за дадениот глас и оценува дека оваа клима на единство ќе „донесе многу позитвност во етничкиот соживот во Македонја“.

Градоначалничката на Арачиново Миликие Халими му се заблагодари на премиерот Зоран Заев за донесувањето на Законот за јазиците не криејќи ја радоста поради фактот дека Македонија станува двојазична држава.

-Албанскиот јазик стана официјален јазик во Македонија. Кажано, сторено! Благодарност до премиерот Зоран Заев, што ги реализира ветувањата за еднакво општество
– напиша Халими на својот фејсбук профил.

Веста за прогласувањето на албанскиот за втор официјален јазик, со додавка дека опозицијата го бојкотирала гласањето, ја пренесе агенцијата Асошиејтед прес по што беше преземена од повеќе светски медиуми меѓу кои и од Вашингтон пост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top