| четврток, 6 декември 2018 |

Најконтроверзниот лек на „Баер“: Некогаш им го давале на децата, а денес е опасна дрога

Малку познато е дека најголемиот подем на германската фармацевтска компанија „Баер“ се случил откако компанијата на големо продавала хероин како лек за разни болести во светот.

Уште помалку е познат фактот дека хероинот својот најголем „подем“ на пазарот го имал во 20-тите години од минатиот век во Египет. Пред точно 100 години, хероинот и кокаинот за прв пат се продавале во Египет во немедицински цели. Само две години подоцна, во Египет биле регистрирани половина милион зависници од хероин.
Сепак, се започнало 42 години претходно во британската престолнина Лондон, кога во 1847-ма година хемичарот Чарлс Ромли Рајт синтетизирал диацетилморфин, дериват на морфиум кој бил два и пол пати посилен од морфиумот.

За волја на вистината, ниту тоа не било некое откритие, затоа што Рајт не видел некаква практична примена на неговото откритие, па така сето тоа останало непознато за пошироката јавност. Сè додека педесетина години подоцна, поточно во 1897-ма година, хемичарот во тогаш веќе сериозната фармацевтска компанија „Баер“, Хајнрих Дрезер не го синтетизирал истото.

Дрезер имал намера да го испитувадиацетилморфинот, и по некое чудо успеал да заклучи дека соединението е совршено безопасно за човечкото здравје, а за разлика од морфиумот, не предизвикува зависност, дека ја ублажува кашлицата, болките и помага во одвикнувањето од зависноста од морфиумот. Сè на сè, станувало збор за револуционерен лек!
Всушност, иронично е тоа што сите овие наведени особини на новооткриениот лек биле совршено точни, освен една „ситница“ – зависноста.

Научниците од „Баер“ биле толку горди на својот успех, па говореле дека тие се новите германски херои, на германски heroisch, па така лекот го добил своето име – хероин. Од 1898-ма до 1925-та година хероинот станал апсолутен хит во светската медицина.

Бил толку популарен и дури се рекламирал како совршено средство за лекување на кашлицата кај децата. Таблети, водени раствори, сирупи, немало облик во кој не се продавал револуционерниот лек. На постарите им помагал полесно да оздрават од воспаление на белите дробови, децата после хероинот немале проблеми со спиењето, а за време на Првата светска војна во Велика Британија, жените можеле да купат големи пакети со хероин за нивните мажи кои што се бореле ширум Европа.
Но, неколку години подоцна, започнале да кружат гласии дека лекот на „Баер“ и не така брилијантен. Веќе следната година германскиот доктор Ерих Харнак тврдел дека хероинот има отровни својства, а набрзо станало јасно дека хероинот предизвикува многу посериозна зависност од морфиумот.

Зошто надлежните служби ширум Европа и САД со години не реагорале, останува отворено прашање и ден денес. Денес можат да се пронајдат информации дека производството на хероинот престанало во 1913-та година, но сепак многумина веруваат дека тоа апсолутно не е точно.

„Баер“ престанале да го произведуваат во 1910-та година, а американските власти го ставиле лекот под посебен надзор четири годни подоцна, но тоа не значело дека хероинот повеќе не можел да се продава. Всушност, само се променило тоа што западните граѓани наместо да го купуваат слободно во аптеките, можеле да го земат лекот само со рецепт.
Дури во 1925-та година, Лигата на народи ја забранила продажбата на хероин, односно диацетилморфинот, а дополнителни три години биле потребни забраната конечно да започне целосно да се применува насекаде во светот.

Со други зборови, со револуционерниот лек на „Баер“ – хероинот, светот сосема „нормално“ го корител, односно се дрогирал со него цели 30 години, поради што Баер има валкана дамка на својот бренд која што едноставно не може да се избрише никогаш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top